СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Политика

Николоски: Советот на Европа да воведе санкции кон Бугарија затоа што не ги спроведува пресудите на Судот од Стразбур

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски им порача на европратениците во Советот на Европа дека треба да ѝ воведат санкции на Бугарија, бидејќи не ги почитува пресудите на Судот во Стразбур. Тој нагласи дека спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права е приоритет за Парламентарното собрание и Советот на Европа.

„Бугарија нема спроведено вкупно 166 пресуди на Европскиот суд за човекови права. Можете ли да замислите земја-членка на Европската унија, која става вето на мојата земја Македонија која се обидува да ги отвори пристапните преговори со ЕУ, да не ги спроведува пресудите на Европскиот суд и во исто време да зборува за човекови права и владеење на правото во други земји, колку е срамно е ова! Исто така, во однос на водечките случаи под „засилен надзор“ Бугарија е на 6-то место од дното. Од сите овие случаи 16 се за основните човекови права на Македонците кои живеат во Бугарија.

Во Европскиот суд, десетици илјади граѓани од цела Европа бараат правда која не можат да ја најдат во домашните судови кога нивните основни човекови права, право на слобода на говор, право на здружување, право на национална самоидентификација и правото на употреба на мајчиниот јазик не се почитуваат. Македонците од Бугарија со децении се борат за овие права. Тие отсекогаш живееле таму и сакаат да ги остварат своите национални, јазични и културни права, но за жал Бугарија тоа го одбива направи. Одбива да ги регистрира нивните здруженија преку кои сакаат да ги остварат своите права. Ќе се согласите дека ова е недемократски чин на земја-членка на Европската унија“ порача Николоски.

Тој додаде дека две од 16-те пресуди на Европскиот суд, за него на многу симболичен начин покажуваат каде се наоѓа Бугарија во овој процес. Првата, како што рече, е за одбивањето да се регистрира „Македонски клуб за етничка толеранција во Бугарија“.

„Што е спорно ако е македонски клуб за етничка толеранција регистриран, кога етничката толеранција е највисока цел на Советот на Европа?“ праша Николоски.

Втората пресуда, рече тој, се однесува и на „Општество на репресираните Македонци во Бугарија жртви на комунистичкиот терор“.

„Комунизмот владее во Бугарија 45 години и не гледам причина за Бугарија да не се соочи со своето минато и да не признае дека има жртви на комунистичкиот терор кои, меѓу други работи, страдале затоа што биле Македонци. Советот на Европа мора да ја казни Бугарија и да спроведе санкции за да ја принуди Бугарија да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права, како и другите земји кои одбиваат да ги спроведат пресудите. Тоа е единствениот пат да се оди напред“ заклучи Николоски.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content