Валбон Лимани од „Вреди“ денеска на прес-конференција го презентираше решението на Управниот суд со кое се прифаќа жалбата на коалицијата за полнењето на кутии во Липково за време на првиот круг од претседателските избори.
– Управниот суд ја прифати жалбата на коалицијата „Вреди“ за гласачко место во Липково, каде што имало полнење на кутија од страна на блиски луѓе на носителот на листа на ДУИ во оваа зона, со техника позната како „бугарски воз“. Во судската одлука стои дека тужбата на кандидатот на претседателските избори во 2024 година, Арбен Таравари, е прифатена, рече Лимани.
Според Лимани, со ова се докажува изборниот инженеринг на ДУИ на претседателските избори на 24 април и ги повика надлежните институции да постапат за кражбата на гласови и чинителите да се изведат пред правдата.
– По парламентарните избори на 8 мај, режимот на ДУИ ќе се сруши. Коалицијата „Вреди“, како следна влада, ветува дека ќе го санкционира секој обид на владата во заминување да краде или купи гласови, рече Лимани.