Стартува пријавувањето за вакцини против Ковид-19

0

-Секој сам ќе може да се пријави, а системот ќе биде тој кој ќе генерира кои се приоритетни, информираше вчера министерот за здравство Венко Филипче.

Освен по електронски пат со регистрација на интернет-страницата за вакцинација, пријавувањето за вакцини ќе се врши и преку матичните лекари преку системот „Мој термин“.

 

Утврдено е како ќе се спроведува процесот на вакцинација против Ковид-19. Капацитетот за вакцинирање изнесува по 880 лица дневно во сите поликлиники во Здравствениот дом во Скопје и дополнителни близу 500 во пунктот во Клиничкиот центар во Скопје. Вакцинацијата ќе почне со здравствените работници и со лица над 70 години.

– Засега се пријавени четири илјади работници, од коишто околу две илјади се во Скопје, останатите се во другите градови. Таму вакцинацијата ќе се спроведува во пунктови по примерот на вакцинацијата за сезонски грип, така што еве сега во првиот момент кога вакцините ќе стигнат може и практично да започне процесот на вакцинација, нагласи Филипче.

Во согласност со капацитетот на здравствениот кадар, во некои поликлиники и здравствени домови ќе има по повеќе вакцинални пунктови кои ќе работат во две смени за да може да се имунизираат поголем број  граѓани.

– Конкретно, конкретен пример, поликлиниката „Јане Сандански“, две смени во три пункта, што значи дека 240 луѓе на ден ќе може да се вакцинираат согласно физичките параметри на просторот – влез, излез, немешање, еден одреден период од 10-15 минути коишто после вакцинација граѓаните треба да почекаат заради евентуална појава на алергиска реакција, што е вообичаена постапка при вакцинација, се прави тој распоред, додаде Филипче.

Директор на Здравствен дом Скопје, Виктор Исјановски вчера посочи дека направиле план во соработка со Министерството, со Комисијата и со Комитетот за имунизација.

– Како што спомна министерот, во трите поголеми поликлиники „Букурешт“, „Јане Сандански“ и „Чаир“ работното време ќе биде од 8 до 20 часот. Во останатите четири клиники ќе работат во попладневните часови со боксови, со капацитетите коишто располагаме и мислам дека 22 позиции се доволни во овој момент да опфатиме се, додаде Исјановски.

До крајот на февруари во државава се очекува да пристигнат 200.000  вакцини од кинескиот производител „Синофарм“. Во март се очекуваат вакцините на „АстраЗенека“ согласно КОВАКС механизмот. Премиерот Зоран Заев завчера најави дека следната недела можно е да пристигнат и вакцини од „Фајзер“.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content