Сојузот на средношколци ја прифати понудата на Министерството за образование и наука (МОН), наместо одложување на датумот на првиот екстерен испит, да се намали обемноста на испитот. Тој ќе носи од 60 до 80 бодови, наместо досегашните од 80 до 100, што значи дека ќе има намалување на бројот на прашања, информира Сојузот.
Во допис до медиумите истакнува дека успешно постигнал договор со МОН за државната матура и таа ќе биде приспособена на состојбата во образованието и ќе биде олесната за оваа генерација матуранти која, како што вели, беше најмногу погодена од прекините на наставата.
Сојузот на средношколци имаше четири барања од кои три вчера беа веднаш прифатени од МОН, а за четвртото, т.е. за барањето да се одложи почетокот на полагањето на матурата им го понуди компромисот за намалување на обемот на тестот.
Министерството за образование и наука преку Владата ќе им препорача на универзитетите да направат ваква промена во конкурсите. Исто така, на универзитетите ќе им биде препорачано првиот екстерен испит – мајчин јазик (македонски, албански, турски) и литература да се смета за соодветен на сите студиски програми, што значи дека оценката од овој испит ќе се множи со повисок коефициент.
„Со тоа, матурантите ќе добијат додатни два поена при упис поради оваа промена, а државата ќе покаже грижа за важноста на мајчиниот јазик и литература“, нагласува Сојузот.
Договорено е, исто така, наставниците да ги споделат банките со прашања за интерните испити најдоцна четири недели пред испитот и банките да содржат трипати поголем број на прашања од бројот на прашања на испитот. Тоа е значајно олеснување за матурантите, сметаат од Сојузот на средношколци, бидејќи матурантите ќе имаат доволно време да се подготват и за интерните испити.
Средношколците бараа да се олесни начинот на полагање на државна матура, оти во последните четири години, средношколците повеќе од година и пол учеа онлајн поради пандемијата со ковид-19, а оваа учебна година речиси секојдневно имаше дојави за бомби во училиштата поради што губеа часови.