СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Македонија

Скандалозни барања од Бугарија: Такви барања нема ни од окупаторите на земји

Претседателот Стево Пендаровски го оцени како скандалозно барањето од страна на Софија  да учествува во процесот на уставни измени на земјава, откако бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков вчера кажа дека Бугарија би сакала да биде вклучена и консултирана во постапката за впишување на Бугарите во Уставот на Македонија.

И македонското МНР излезе со реакција дека процесот на уставни измени претставува внатрешно прашање на земјава, кое како обврска е поврзано со пристапните преговори за членство во ЕУ, а со ваквиот став се согласи и премиерот Димитар Ковачевски.

Барањето од Софија е скандалозно. Такви барања не упатуваат ниту окупаторите кон земјите, териториите или државите кои ги окупираат. Во 21-ви век е апсурдно непримерено да барате да се мешате во внатрешните политички и уставно-правни процеси на која било држава. И мислам дека во таа смила нашиот одговор преку МНР беше на место, дециден е Пендаровски.

Во одговор на новинарско прашање, Пендаровски рече дека концептот околу мнозинства и малцинства во Република Македонија е надминат, таа дебата е надмината и завршена со Рамковниот договор во 2001 година.

-И во поранешна Југославија никогаш не сме употребувале термин „национални малцинства“ туку имаше „народи“ и „народности“. Зошто? За да не навредиме никого кој живее тука, а е како бројка помалку од мнозинскиот народ. Мислам дека тоа е депласирана дебата и не треба да губиме време за тоа, вели Пендаровски.

Негов претставник во работната група за измени на Уставот ќе биде професорот од Правниот факултет Александар Спасов, кој е негов правен советник.

Во однос на барањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за лидерска средба и дали тој ќе ја организира, Пендаровски рече дека тој во принцип секогаш ги реализирал тие средби, доколку има согласност од двете претпоставени страни, но посочи дека до овој момент за хрватскиот предлог нема согласност од другите претпоставени страни.

Премиерот Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање вчера на прес-конференција во Владата, изјави дека процесот на уставни измени е внатрешно прашање на Република Северна Македонија, што е и обврска поврзана со пристапните преговори со ЕУ.

-За барањето на Бугарија во однос на нивното учество веќе се произнесе министерот за надворешни работи и јас целосно се согласувам со неговата изјава, а тоа е дека процесот на уставни измени претставува внатрешно прашање на РС Македонија, што е обврска поврзана и со пристапните преговори со ЕУ, рече Ковачевски.

Според премиерот, станува збор за одлука, којашто е исклучиво во надлежност на Министерството за правда, на политичките партии и на Собранието.

-Не постои ниту можност, ниту политичка волја, ниту начин кој било друг, однадвор да биде вклучен во овој процес, истакна Ковачевски.

За изјавата на бугарскиот технички министер за надворешни работи Милков за вклучување на Бугарија во процесот, Ковачевски рече дека можеби таа изјава не е дадена во вистински контекст.

-Меѓутоа сите заинтересирани страни ќе можат да го следат тој процес преку медиумите, бидејќи и медиумите ќе бидат вклучени во самиот процес, кој како што кажав, ќе започне во стручната комисија во Министерството за правда, во која што ќе бидат повикани експерти, рече Ковачевски.

Шефот на бугарската дипломатија Милков на брифинг со новинарите кажа дека Бугарија би сакала да биде вклучена и консултирана во процесот за впишување на Бугарите во Уставот на Северна Македонија.

-Сега, колку што нам ни е познато, таму веќе се дискутираат некакви варијанти на идните текстови, кои би биле промена во Уставот. Ние би сакале да бидеме дел од тој процес, со цел тоа да се одвива без проблеми. Би сакале да се консултираме по тие прашања, рекол Милков, а пренесе БНР.

Тој очекува одговор од Скопје и продолжување на разговорите за намалување на тензиите.

– Во оваа смисла вчера малку разговарав со министерот Османи. Се надевам дека ќе одговорат. Ни претстојат контакти, во напорите да ја намалиме напнатоста, без да им наштетиме на правата на Бугарите во Северна Македонија. Овој дијалог треба да продолжи се додека има волја од нивна страна. Во таа смисла, повторно подаваме рака. Подготвени сме да разговараме. Подготвени сме да разговараме и да ги разгледаме промените, што тие ги прават, кажал Милков.

Македонското МНР во средата експресно излезе со реакција на ова, потенцирајќи дека процесот на уставни измени претставува внатрешно прашање на Република Македонија.

-Се очекува Собранието да ја донесе таквата одлука, суверено и согласно долгорочните интереси на граѓаните на С. Македонија, претставени во парламентот и во тој контекст, не постои можност ниту политичка волја за вклучување на граѓани и институции од странство, вклучително од Република Бугарија. Такво барање ниту е пристигнато, ниту е разговарано меѓу министрите Османи и Милков, стои во соопштението на МНР.

Северна Македонија останува посветена на продолжување на политичкиот дијалог со Бугарија, во духот на добрососедството и Договорот за пријателство, за што се надева на што поскоро формирање на новата бугарска Влада, додадоа од МНР.

Милков вчера на брифинг за новинари појасни дека процесот на промена на Уставот секако е внатрешна работа на Република Северна Македонија, но, притоа нагласил дека „Бугарија нема да прифати никаква формулација со која на македонските Бугари ќе им се додели статус што на кој било начин е различен од оној од другите уставно признати делови од народите во Република Северна Македонија“.

Уставните измени биле тема и на средбата меѓу лидерот на ДУИ Али Ахмети и амбасадорот на ОБСЕ во земјава Килијан Вал. Ахмети го информирал Вал дека владејачката коалиција ги започнала подготовките за уставните измени и изготвила план за нивно спроведување.

На тема уставни измени вчера имаше препукувања меѓу опозициската ВМРО-ДПМНЕ и партијата Левица. Левица обвини дека до нив „пристигнуваат информации од луѓе на високи позиции во ВМРО-ДПМНЕ, за наводни разговори меѓу Мицкоски и Ковачевски во посредништво на структури од соседна Бугарија кои кулминираат со најновата понуда за промена на Уставот според хрватскиот модел“.-Минатото лето народот одлучно кажа НЕ за бугаризацијата на Македонија преку т.н. француски предлог и го искажа својот пркос за задржување на цивилизациското право на самоопределување. Сега, раководството на ВМРО-ДПМНЕ остава впечаток на амортизер на народното незадоволство, и затоа скапо ќе чини формирањето на нови лаги во координација со СДС и ДУИ, наведе Левица.

На ова реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, од каде ги отфрлија ваквите тврдења, најавувајќи тужба против „Левица“ доколку не се извинат.

-Ниту имало тајни средби, ниту пак ВМРО-ДПМНЕ разговара за прифаќање на уставните измени под бугарски диктат. Затоа против Левица ќе биде покрената тужба за клевета доколку не се извинат за лажните тврдења. Единствените можеби тајни средби се тие на Апасиев кога добива задачи од Богданка Кузевска за посериозни нарачки. Но тоа не го менува фактот дека коалицијата СДС-Левица е јавна и транспарентна, наведоа од ВМРО-ДПМНЕ.

Министерството за правда во вторникот испрати дописи со барање за номинација на претставници во работната група за измени на Уставот до Кабинетот на Претседателот на државата, МНР, СЕП и парламентарните политички партии кои треба да одговорат најдоцна до 10 април. Во групата се повикани да учествуваат и експерти од областа на уставно право.

-Во интерес на исполнување на нашата обврска која произлегува од Преговарачката рамка што ја усвоија 27-те земји членки на ЕУ, потребно е политичко обединување со цел да се загарантира европската перспектива на нашата држава. За таа цел потребно е да се определи претставник кој има познавање од областа на Уставното право, кој активно ќе учествува во работната група при изготвувањето на уставните измени, се наведува во соопштението од Министерството за правда по повод барањето за номинација.

Социјалистичката партија на Македонија вчера во соопштение до медиумите, информира дека нема да учествува во работната група за уставните измени, укажувајќи на, како што велат „доминантно негативниот став на граѓаните за уставни измени“.

Деновиве со малку поразличен став се произнесе и опозициската ВМРО-ДПМНЕ која досега тврдеше дека е против уставни измени во вакви услови. Лидерот на партијата Христијан Мицкоски повторно понуди „консензус околу хрватскиот модел“, а исто така рече дека се подготвени и за лидерска средба.

-Ние конечно нудиме консензус околу хрватскиот модел јавно, без да се затвораме и без нешто да криеме од јавноста. Каква е Преамбулата во хрватскиот Устав, така да ја направиме Преамбулата и во нашиот Устав. Ние стоиме на располагање, ако сакаат, за ова можеме да зборуваме и на лидерска средба, рече завчера Мицкоски.

Според него, евентуалната интервенција во Уставот се случува во три чекори, а ние се наоѓаме пред почетокот и сега уставни комисии не се формираат, туку пред пратениците се доставува иницијатива за утврдување на потребата за отворање на Уставот.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content