СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Македонија

Протестот на Македонките против бугарската фашистичка власт на 11.5.1942 во Велес, една од тврдините на македонската самосвест

На денешен ден пред 81 година македонскиот народ со уште еден смел чин го искажал својот бунт и непокор кон бугарскиот фашистички окупатор, дојден во Македонија како некаквиси „ослободители“ со намера да ја претвори како втора бугарска држава. Во Велес, една од најсилните тврдини на македонската национална самосвест, во градот на Македонските гемиџии – Солунските атентатори, на 11 мај 1942 година 200-300 Македонки – мајки, сопруги, сестри, одржале протест пред општинската зграда, извикувајќи пароли против бугарската фашистичка окупаторска власт, како знак на револт поради регрутацијата на Македонците од Велес во редовите на бугарската војска.

Бугарските власти беа вчудоневидени. Не знаеа што да преземат попрво. Демонстрацијата беше разбранувана. Избрана делегација од жени отиде кај кметот, за да ги изнесе причините за демонстрацијата и да бара да се престане со повикувањето на граѓани по „трудовите дружини“. Во делегацијата беа Ката Камчева, шеесетгодишна жена, мајка на двајца првоборци, Геоpгиеви, истакната активистка од градот и уште две-три други активистки. Тие на кметот му ги изнесоа барањата и се заканија дека секој ден ќе има вакви демонстрации, ако продолжи повикувањето “трудоваци”

Кметот повика полиција да ги избрка делегатките од општината. Додека жените извикуваа, пред кметството дојдоа вооружени полицајци и агенти. Тие се обидоа да ги растурат жените и другите придојдени демонстранти. Со пендреци и кундаци се нафрлуваа по жените. Тие ќе се позасолнеа додека ги бркаа, но пак излегуваа и пак извикуваа пароли. Додека бугарската полиција ги растураше меѓу нив имаше и еден младинец од турското малцинство. Полицијата го фати и почна да го тепа така бездушно, што младинецот премале Сакаа да го носат и во затвор. Кога го видоа тоа жените се нафрлија на полицајците и го засолнија детето. Се демонстрираше цел ден дури до вечерта. Овој протест го организирало партиското раководство на КП во Велес, како дел од широкиот и организиран отпор на територијата на Велес против Бугарите.

Бугарската фашистичка власт во Велес и Велешко вршела насилства, апсења и прогони. Формирала профашистички организации во интелектуалните јадра со стремеж кон национална асимилација на Македонците, со напоредно фалсификување на македонската национална историја, преименување на историските личности во бугарски и т.н. Бугарската фашистичка власт  систематски спроведувала пљачкање и терор врз македонското население во Велес. Тоа побарало излез и помош во дејствувањето на КП. Кон членовите на партијата се придружиле членовите на ВМРО. Бане Андреев-Ронката и Панко Брашнаров формирале Местен воен комитет и започнало создавањето услови за почеток на вооружена борба.

Кон крајот на септрември 1941 година се формирале првите партизански чети за до пролетта 1942 година да се исфрли и велешкиот партизански одред “Димитар Влахов”. Организираниот отпор на територијата на Велес најголеми размери добил во 1942 година, кога е организиран и Штрајкот на учениците од Велешката гимназија во знак на протест и незадоволство на националната бугарска асимилаторска политика на власта. На 14 март 1942 година учениците-Македонци демонстративно ги напуштиле училниците на гимназијата, отфрлајќи ја одлуката наместо на македонски јазик наставата да се изведува на бугарски јазик.

Минатата година на одбележувањето на 80-годишнината на овој светол датум од македонската национална историја 99-годишниот велешанец и учесник во тој штрајк Никола Стојанов, инаку и прв претседавач на повеќепартискиот парламент на Македонија, изјави: „Имаше професори, кои ни предаваа на бугарски јазик, а ние одговаравме на македонски. Тоа на некои од нив не им се бендиса и се бунеа, но ние не отстапувавме. Поради тоа, наставничкиот совет реши да нè исклучи од настава од сите образовни институции на Бугарското царство. Велешани нè поддржаа. Направивме протест пред општината вечерта, а освен нас гимназијалците, се собраа многу граѓани. Дојдоа полицијата и војската да нè растераат. Имаа бајонети на пушките“.

Славниот македонски поет велешанецот Кочо Рацин пишувал статии за весникот “Народен билтен”, а му помагале Данчо Зографски, Јордан Тодоровски, Љубомир Босилков, Никола Кирков и др. Првото борбено крштевање на партизанскиот одред “Димитар Влахов” е на 14 јуни 1942 година на падините на планината Лисец. Одредот успешно го одбил нападот на бугарската војска и продолжил организирана оружена борба со се поголеми војнички и политички успеси. Оружени групи се формирале на целата територија на велешката поширока околија и му се придружувале на одредот. Дејствувањето на одредот создало поголема полуслободна територија во Велешко, тој добил доверба од населението и од ден на ден се повеќе се омасовувал.

Бугарската власт, за разбивање на оваа организирана вооружена формација ја организирала т.н. “Бабунска офанзива”. Не можејќи да му наштети на одредот, бугарската војска блокирала поголеми реони, открила и уапсила многу соработници на народноослободителното движење, го малтретирала месното население, ги палела имотите. На 14 септември 1942 година во месноста Пуста Кула ликвидирани се група активисти од с.Рудник. На 17 октомври 1942 година стрелани се 16 лица во Азот, а на 25 октомври истата година убиени се на најсуров начин десетина селани од Долно Јаболчиште. Тешката 1942 година завршила со апсењето на Мирче Ацев и Страшо Пинџур.

Во пролетта 1943 година бил формиран народно-ослободителен одбор, кој меѓу населението го растурал Прогласот на КПЈ за Македонија со повикот до народот за  масовно вклучување во редовите на организацијата. До почетокот на 1944 година Одборот својата работа ја насочил во градот, а подоцна и на целата територија на велешкиот округ. Најголемите и најуспешни борби се воделе тука во време на Февруарскиот поход во 1944 година.

Одредот “Трајче Петкановски” се појавил во многу специфични услови на 23 април 1944 година во месноста Кадиица од борци од Велешко и Прилепско. Одредот во почетокот го сочинувале 26 борци, за да достигне до 1 септември 1944 година бројка од 500 борци. Од него и од новопристигнати борци на 2 септември 1944 година во село Отиштино е формирана Осмата македонска велешка бригада. На 9 ноември 1944 година таа бригада го ослободила Велес.

Подготвил: Свето Тоевски, со користење материјали од официјалната интернет-страница на општина Велес, статија од интернет-порталот „Македонска национална академија“ и други историографски извори.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content