Приведен малолетник, кој се заканувал на скопско средно училиште, полицијата открила како се праќани пораките
Денеска, Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал до Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против 15-годишник од Скопје за сторено кривично дело тероризам предвидено и казниво по член 394-б став 2 од Кривичниот законик.
Пријавениот малолетник на 24.2.2023, користејќи го својот мобилен телефон, креирал електронска адреса и истиот ден, користејќи го својот лаптоп од својот дом, испратил порака со заканувачка содржина на службената електронска адреса на едно средно училиште во Скопје за која, по извршените проверки, било утврдено дека е лажна. Притоа, со цел да ги прикрие своите активности при испраќање на поракaта, малолетникот користел VPN-апликација.
По преземени мерки и активности од страна на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, утврдена е користената ИП-адреса, чиј сопственик е таткото на малолетникот, а врз основа издадена наредба за претрес на домот од Основниот кривичен суд Скопје извршен е претрес во домот на родителот на малолетникот, од каде што привремено се одземени мобилен телефон, СИМ-картичка и лаптоп, што ги користело малолетното лице.
Од извршеното вештачење утврдено е дека истата електронска адреса е користена за да се испраќаат пораки со заканувачка содржина до неколку училишта на територијата на град Скопје од мобилен телефон и од лаптоп во повеќе наврати.
На 3.3.2023, во присуство на негов родител, инспектор за малолетници и семејно насилство од СВР Скопје и адвокат, во полициска станица е извршен службен разговор со малолетникот, во текот на кој тој го појаснил начинот на извршување на кривичното дело.