Првомајски протест – Зголемување на платите и подобрување на работните услови

4

Точно напладне работниците се собраа пред зградата на ССМ. Со транспаренти во рацете, со развиорени знамиња, со мегафони и свирчиња испратија порака дека работничките права секојдневно им се кршат на работните места, а властите наместо да работат на подобрување на состојбите, тие го гледаат само нивниот интерес.

Откако работниците се собраа пред синдикалната зграда им се обрати и синдикалниот лидер Дарко Димовски кој револтирано им порача дека на овој ден треба да им се пренесе порака на функционерите кои добија покачување од 78 отсто на платите, а за работниците не можеа да најдат две илјади денари месечно за да може достоинствено да си го продолжат живот.

Од Синдикалната зграда се упатија кон законодавниот дом, и на пратениците им порачаа, доколку ги гласаат измените на законите за Бехтел и Енка и тие да дојдат со градежните работници и по повеќе од 10 часа да работат на градилиштата.

„Носам шлемови да им оставам тука и да ги повикам, тие да работат 60 часа, затоа што ние се изборивме за 40“, рече Иван Пешевски, Синдикат на градежништвото при ССМ.

Следна дестинација беше Владата. Разочарани се од моменталната состојба во која се наоѓа работникот во Македонија.

„Не верувам дека уште долго на работникот ќе му се слушне гласот, но треба да се покаже дека тука сме…“

„Многу пати работникот кажал нешто, но тоа не се почитувало. Но треба да се дознае маката на работникот“, рекоа граѓаните.

Од пред владата работниците порачаа дека не се откажуваат од борбата за подобрување на работничките права.

“Интенцијата е да се зголемат платите на сите работници бидејќи гледаме во какво време-невреме живееме и тие пари колку ни се потребни“, рече Дарко Димовски претседател на ССМ.
Синдикалците најавија дека во периодот што следи ќе имаат зголемен број на активности се со цел работникот во земјава да биде почитуван и неговиот труд да биде реално вреднуван.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content