Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција упати остри критики кон лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го дека не се разликува од поранешниот премиер Зоран Заев, туку, како што рече, претставува негова „надградена верзија“.
Петрушевски оцени дека Заев ги излажал граѓаните кога, според него, тврдел дека не доаѓа на власт за да го смени името на државата, додека Филипче, како што наведе, отворено покажувал подготвеност да ги прифати бугарските барања.
„Венко Филипче не само што не се разликува од Зоран Заев, туку е негова надградена верзија. Заев ги излажа граѓаните дека не доаѓа на власт за да го смени името, а Филипче не се крие дека сака да дојде на власт за да изврши национално предавство“, рече Петрушевски.
Тој обвини дека Филипче, иако е во опозиција, ја убедува јавноста дека македонскиот идентитет не е загрозен, и покрај, како што рече, „јасните ултиматуми и негирања од страна на Бугарија“.
Според Петрушевски, бугарските власти не ги кријат своите ставови и барања, а нивната цел, како што наведе, е македонската историја, јазик и култура да бидат прикажани како дел од бугарските.
„За тоа во Македонија си најдоа специјален пратеник, Венко Филипче, кој се претворил во пиун на Радев и е најгласен да се прифати бугарскиот наратив и Бугарите во Устав“, изјави Петрушевски.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ порача дека завршило времето кога, како што рече, „со слугување на агенди на туѓи држави се доаѓало на власт во Македонија“.
„Граѓаните сакаат достоинствен и предвидлив евроинтегративен пат, со гаранции дека нема веќе да има барања за идентитетски отстапки. Тоа ВМРО-ДПМНЕ го слуша и заедно, во сојуз со народот, ќе се избориме за заслуженото место на масата во ЕУ“, рече Петрушевски.
