Мицкоски нотирал отстапувања во работата на одредени министри и директори, следуваат промени во Владата
Според владини извори, разговорите се во рана фаза и станува збор за чувствителен процес кој бара сериозен и одговорен пристап, поради што засега не се откриваат дополнителни детали. Јавноста, додаваат, ќе биде навремено информирана кога ќе бидат постигнати конкретни договори и дефинирани решенија.
Владини извори посочуваат дека останува непроменета позицијата на премиерот Христијан Мицкоски, кој неодамна на одбележувањето на 36-годишнината на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица порача дека внимателно ги следи состојбите во институциите и не е задоволен од појавите кај дел од функционерите кои се оддалечуваат од принципите врз кои е формирана Владата.
Како што наведуваат изворите, до премиерот пристигнале забелешки за недоволна достапност на дел од министрите и директорите, како и за нивно оддалечување од секојдневните проблеми и потреби на граѓаните.
Мицкоски, според владините извори, останува на ставот дека Владата е избрана да му служи на народот, а не да ужива во привилегиите на власта, порачувајќи дека секој функционер мора да биде достапен, посветен и постојано присутен меѓу граѓаните.
Основните критериуми во процесот на реконструкција, велат владините извори, ќе бидат ефикасноста, достапноста кон граѓаните, исполнувањето на програмските цели и целосната посветеност на работата во интерес на народот.
