НАД 14.500 МАТУРАНТИ ДЕНЕС НА ИСПИТ: Стартува полагањето на државната, стручната и уметничката матура

Повеќе од 14 500 матуранти се пријавени за полагање на матурата и денеска ќе го имаат првиот екстерен испит, кој е изборен за кандидатите. Задолжителниот екстерен испит (мајчин јазик и литература) матурантите ќе го полагаат на 11 односно на 12 јуни. Во согласност со измените на Законот за средното образование, оваа година првпат се полагаат три типа матурски испит според видот на образование – државна матура, државна стручна матура и државна уметничка матура.

Тие што ќе полагаат државна матура, денеска ќе бидат тестирани по странски јазик (англиски, француски, германски, руски или италијански) или математика, за пријавените за стручна матура изборот е англиски јазик или математика, а кандидатите за уметничка матура ќе полагаат англиски јазик или историја.

Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), кој го организира и спроведува матурскиот испит, од вкупно пријавени 14 587 ученици за полагање на матурата, 12 184 се пријавиле да полагаат државна матура, 2276 ученици за државна стручна матура и 127 се пријавени за државна уметничка матура.

За секој испит (предмет) од типовите матура се изработени посебни испитни програми врз основа на кои се изготвени испитните прашања. Од ДИЦ посочуваат дека овие испитни програми се темелат на наставните програми по кои учениците следеле настава во текот на нивното четиригодишно образование.

Гимназијалците полагаат само државна матура и се пријавени 5713 кандидати. Државна матура, исто така, може да полагаат и учениците од стручните и од уметничките училишта, кои избираат помеѓу државна матура и стручна односно уметничка матура. Па така, според податоците на ДИЦ, од 8629 кандиудати за матура од средните стручни училишта – 6353 се пријавени за државна матура, а 2276 за државна стручна матура. Од 245 кандидати од уметничките училишта, пак, 118 се пријавени за државна матура и 127 за уметничка државна матура.

Во 9 часот денеска почнува полагањето на изборниот екстерен предмет. Кандидатите кои избрале државна матура ќе полагаат тест по странски јазик (англиски, француски, германски, руски или италијански) или математика. Кандидатите кои ќе полагаат државна стручна матура ќе имаат тест по англиски или по математика, а за државна уметничка матура изборот е помеѓу англиски јазик и историја.

Од ДИЦ за МИА информираа дека за тестот по англиски јазик се пријавени вкупно 13 208 кандидати, од кои 11 017 се ученици пријавени за државна матура, 2107 за стручна и 84 за уметничка матура.

За тестот по математика има 1173 пријавени – 1017 кандидати кои полагаат државна матура и 156 за државна стручна матура, а за историја има 38 кандидати – ученици кои полагаат државна уметничка матура.

Другите четири странски јазици се опција само за учениците кои полагаат државна матура. За француски јазик се пријавени 20, за германски 52, за руски јазик седуммина и двајца за италијански јазик.

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј
Skip to content