Лице блиско до лидерот на ДУИ Али Ахмети координира вооружена група која се движи на територија на општините Бутел и Чаир, тврди лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Тој не откри за кој и за што точно станува збор, единствено посочи дека повеќе детали јавноста наскоро ќе дознае. За тоа дали полицијата ќе постапува или не, Мицкоски новинарите ги насочи одговорите да ги побараат во МВР..
„ Точно знае Али Ахмети што зборувам и точно знае тој негов соработник кој уживаше вонредни привилигеии во луксузен хотел во претседателскиот апартман во Истанбул бидејќи тој ја координира таа група која се движи на територија на општина Бутел и Чаир и ги знаеме лицата, и точно знаеме што прават и набргу ќе дознае и јавноста.. Јас тоа што имав да го кажам на јавноста го кажав, дали МВР ќе постапува ќе се обратите таму.“-Христијан Мицкоски – Претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Дали полицијата има сознанија за наводното постоење на група вооружени лица во Бутел и Чаир и како постапува по однос на оваа информација, Канал 5 побара одговор од МВР, но до објавување на прилогот информации не добивме.
Тврдењата на Мицкоски од ДУИ ги оценија како невистинити и намерно ширење на лажни вести со цел, како што велат, поттикнување на национализам во функција на прибирање на гласови и поделби во општеството.
„ ВМРО е на чело на МВР и доколку има такви информации г-дин Мицкоски би требало да постапи, а не да заплашува граѓани се само за да добие глас плус. Ние се залагаме за Европска Македонија, а не за Македонија скарана со сите соседи и со сите заедници за што заговара Мицкоски и ВМРО. “ – велат од ДУИ за Канал 5.