„Македонисимо“ одекна во виенски „Музикферајн“

52

„Музика која ги отвора ушите и срцата“, вака беше најавен синоќешиот голем настан за македонската музичка уметност: светската премиера на оркестарската верзија на музичкиот проект „Македоносимо“ на Симон Трпчески и пријателите, во најпрестижната светска концертна сала „Музикферајн“ во Виена, заедно со австрискиот Тонкунстлер оркестар и диригентот Јутака Садо од Јапонија.

Одушевената публика во Виена со стоечки овации измами дури две изведби на бис. Ова беше настан на кој беше привилегија да се присуствува, информира Здружението за култура и уметност „КултурОп“.

Трпчески во изјавата за МРТ појаснува дека овој концерт на членовите „Македонисимо“ квинтетот им донел многу возбуда, среќа и гордост.

Се случи нешто што засекогаш ќе остане во аналите на историјата на македонската интерпретативна уметност. Возбудата е дотолку поголема што добивме уште една димензија на проектот „Македонисимо“ што Панде Шахов овој пат го обои во најразлични оркестарски бои за поинаква звучна слика. Со желба изведбата да донесе уживање и за самиот оркестар, тој ја направи оркестрацијата многу внимателно. Во секој случај, незаборавно е чувството кога грмна тапанот и низ „Музикферајн“ се разлеаа корените на македонската нација“ – видно инспириран изјави Трпчески.

Композиторот и аранжер Панде Шахов појасни дека не менувал ништо во делниците за квинтетот, туку само оркестарски ги обоил.

Изведбата на „Македонисимо“ квинтетот (Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и кавал и Влатко Нушев на перкусии, предводени од пијанистот Трпчески), беше посебна инспирација и за членовите од оркестарот, на чело со нивниот музички директор и шеф-диригент Јутака Садо, кој подвлече дека кога прв пат ги видел ритмите во партитурите, се исплашил како ќе ги диригира.

По дводневни проби, забележав дека со помош на прекрасните музичари од Квинтетот „Македоносимо“, сега не се чувствувам како да следам ритам, матрица, туку како да создавам една многу слободна музика. И среќна! Кога завршува секој од ставовите, оваа музика не’ прави насмеани, среќни. Има преголемо уживање во оваа музика што го слави животот на многу креативен начин”, изјави маестро Садо за МРТ.

Како што вели и официјалниот сајт на Тонкунстлер оркестарот, „радосната музика за која критичарите открија дека резултатот го „одзема здивот“, вечер (3 март) продолжува со својата реприза на големата сцена во Фестивалската сала на австриски Санкт Полтен.

фото: КултурОп

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content