Погледот на секоја куќа, дуќаните, на Коријата, на споменичните обележја, на музеите (ги има седум) секој момент може да ги распостелат приказните и сведоштвата. Но и, навидум, обичните улици ги чуваат сведоштвата. Раскажани, помалку или повеќе, но не целосно доистражени. Недобројни се, ама неколку пленат со важноста, со пресудното влијание што го имале во клучните историски моменти: пред и за време на Илинденското востание и Крушевската Република.
Во нашето „загребнување“ во илинденските, сѐ уште, тајновити приказни, издвојуваме три.
Приказната за црешовите топчиња, често раскажувана, е вткаена во печатот на Востанието и на Републиката. Сепак недоистражена. Колку биле востанички топчиња и која била нивната судбина?
Историчарот Зоран Богески вели дека нема многу информации. Изработени се десет, најпознати се оние од селото Селце. Токму за едно од топчињата од ова село се мисли, е она што е во Истанбул. А за нивната судбина – којзнае.
-За црешовите топчиња, навистина, нема многу информации. Сепак, во историските извори со кои располагаме се среќаваат одредени информации. Кога говориме за Крушевската револуционерна околија, буквално може да се разграничат два вида топови: тоа се топовите изработени во село Селце од Цветко Стојчев, непосредно пред Илинденското востание. Во изворите се посочуваат седум такви топови.
Веднаш по ослободувањето, се изработени црешови топови во дуќанот, во туфекчиската работилница на фамилијата Борјар, а се доработувани во качарскиот дуќан на фамилијата Талевци. Податоците говорат дека селчанското топче доживеало огнено илинденско крштавање што му дало и епопејни димензии, додека, пак, од топчињата изработени во Крушево се споменуваат три. Поточно, едно од топчињата е поставено во непостредна близина на манастирот „Свети Спас“.
Во време кога востаниците увидуваат дека мора да го отстапат ровот, донесуваат одлука да го наполнат со експлозив и со материјали кои треба да служат како гранати. Тоа се, всушност, тегови од кантар, да постават бавногоречки фитиљ. Згрешиле, ставиле брзогоречки фитиљ, но за среќа, никој не настрадал. Каква била судбината на топчињата? Според изворите, две топчиња, направени во Селце, се поставени на месноста Кале.
Се претпоставува дека едно од нив денес е еден од воените трофеи на тогашната османлиска власт во Истанбул. За ова историските извори велат дека според начинот на изработката, според описите, податоците се поклопуваат за потврда на претпоставката, раскажува Богески.
Се смета дека имало повеќе од 10 топчиња. Во почетокот на Востанието, поточно на 5 август 1903, едно од црешовите топчиња е испробано на месноста Гумење, изработено во селото Селце кое во функција се обидел да го стави повоениот поручник Тодор Христов, член на Горскиот штаб. Топчето распрснало поради слабата затегнатост на обрачите. Другите топчиња потоа биле испробани и се покажале во подобра кондициона состојба и ги издржале првите обиди за испробување.
Веднаш потоа се изработени уште три црешови топчиња во споменатите дуќани, но не се знае нивната судбина.
Втората приказна е за владата на Крушевската Република. Историските извори велат дека имало шест ресори, одлично функционирала, имало ред и поредок. Заседавала во некогашното Патријаршиско училиште кај крушевскиот Монопол. Се знае за донесени одлуки, ама каква била судбината на „министрите“? А буџетот, според скудните податоци, има само еден запис. Наводно, бил „тежок“ 3 000 турски лири. Или, повеќе?
Кочо Топузоски, писател, раскажува за функционирањето на владата.
– Функционирала многу експедитивно, онака како што може да се посакува во воени услови и како што треба да се воспостави една востаничка власт. Ноќта помеѓу 4 и 5 август 1903 година, крушевската влада донесла седум одлуки кои биле од витално значење за воспоставување на редот и поредокот во градот.
Граѓаните на Крушево биле многу љубопитни што се случува. Дел прославувале, па во градот се случил голем метеж. Кога тоа го видело Горското начелство, како врховна команда и власт во тие воени услови, одлучило да свика собрание на кое била избрана владата и ги донела тие одлуки.
Првата и основната одлука била да се воспостави ред и поредок во градот. Се формирала градска милиција од крушевчани – доброволци. Имало одлуки да се направат леарници за потребите на востаниците и градот со сите ресурси да функционира беспрекорно. И навистина се воспоставиле ред и поредок.
Имам забележано (во книгата за Никола Карев) изјава од Тоду Борјар од тоа време, која најсликовите ги објаснува состојбите: „Во слободното Крушево, додека траеше востаничката власт, не се сторија никакви кавги, кражби, или други нереди. Тоа се должи на многу добрата организација на градската милиција која деноноќно шеташе низ градот, а и од казните предвидени за такви дела. прекршоците се казнуваа со смрт, согласно со Уставот на Организацијата.“
Востаничката влада ги покрила сите потреби на населението – за реквизиција, за храна, но и за целосна логистичка поддршка на востаничките единици. Околу 1 200 востаници биле во околината на Крушево бранејќи ја слободата, раскажа крушевчанецот Топузоски.
Се знае ли судбината на министрите?
-Сите имаат различна судбина. Еве за дел од нив. Претседавачот на собранието Теохар Нешков, член на Владата, министер за финансии, така да се рече, е жив изгорен во куќата на неговиот сват Таху, дел од „министрите“ се осудени, па потоа со познатата амнестија од 1904 година се ослободени. Нема многу податоци, вели Топузоски.
Откриен е подземен тунел од пред 150-тина години
Третата крушевско-илинденска приказна нѐ води во центарот на градот. Ни ги посочува подземните тајни. Една изградба на куќа во Крушево, уште пред 40 години и трасирање улица во центарот на градот, открија нова алка во бурната историја на Крушево. Откриен е подземен тунел од пред 150-тина години. Крушевчанката Домника Ѓорческа се присети дека еден од мајсторите рече дека наишол на тунел.
– Му рекоа да види до каде може да се движи во тунелот. Соѕидан бил со свод. Мора поднаведнато да се движи. Помина дел од тунелот и донесе сандак со муниција и еден пиштол. Тунелот беше прекинат со изградбата на уличната шахта, вели Домника.
Тунелот бил под денешната крушевска улица „Томе Никле“. Не случајно бил токму тука изграден, зашто тоа е улица на револуционери. Тука живееле членови на крушевската влада.
Историчарот Зоран Богески објаснува за тунелот, кој во крушевската околија не бил единствен.
– Станува збор за тунел кој почнувал од куќата на Томе Никлев, тој е првиот началник на Крушевската револуционерна околија, член на Горскиот штаб и многу авторитетн крушевчанец. Тоа било смислено изграден тунел како тактичка варијанта која тогашните раководители на Организацијата ја користеле за извлекување во критични и кризни ситуации. Нема прецизни податоци колку бил широк или висок.
Само дека бил изграден од камен во форма на свод. При изградба на улицата, откриена е една мала сала во тунелот со една масичка на која имало „чекмеже“ полно муниција и неколку револвери. Има податоци дека тунелот продолжувал до црквата „Света Богородица“ .
Тунелите биле практика на македонските револуционери од средината на 19 и почетокот на 20 век, во околината на Крушево и во други реони на Македонија. Еден тунел се споменува во околината на крушевското село Горно Дивјаци низ кој дел од крушевска чета успеала да се извлече и да се спаси. Друг таков тунел, по Востанието, се споменува во селото Вардино, Демирхисарско, а тогаш припаѓало на крушевската околија, објасни Богески.
Никој не го документирал ова ново поглавје од илинденската историја.
Останува фактот дека е раскажано, ама неистражено.
Елизабета Митреска за МИА.