СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Политика

Гир: Ако не го смените Уставот, процесот запира тука

Преговорите се отворени и скринингот започна. Одржувањето на наредната меѓувладина конференција зависи од билатералниот договор меѓу двете засегнати земји. Ако не ги направите уставните измени веројатно преговарачкиот процес ќе запре, вели евроамбасадорот Дејвид Гир во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

„Со начинот на којшто договорот е направен, преговорите се отворени. Скринингот започна и имавме нешто што е наречено меѓувладина конференција со која започна целиот процес. Кога скринингот ќе биде завршен во оваа фаза, да одите на наредната точка е потребно да има друга меѓувладина конференција. Одржувањето на таа меѓувладина конференција зависи од овој билатерален договор меѓу двете засегнати земји. Секако, тоа е суверена одлука за Северна Македонија да го смени Уставот, иако веќе имате добар учинок во меѓуетничките односи и ова понатаму само ќе го дефинира тоа. Но, што ќе се случи ако не оди напред. Мислам дека најверојатното сценарио ќе биде преговарачкиот процес да запре таму. Ќе го завршите скринингот, но одржувањето на меѓувладината конференција и следните чекори ќе го чекаат решавањето на ова прашање. Не бидејќи трета земја дошла и ставила вето, туку бидејќи оваа земја решила да се повлече од обврската која е направена билатерално со Бугарија“, вели евроамбасадорот.

Во врска со најавите за референдум, евроамбасадорот рече дека тоа е суверена одлука за оваа земја и затоа не би сакал да коментира, но повтори дека има бројни јасни причини и бенефиции зошто Северна Македонија ќе има корист од членството во ЕУ.

Прашан колку ЕУ ќе биде гарант дека Бугарија нема да ги кочи и блокира преговорите и во случај кога Северна Македонија ќе ги исполнува своите обврски од билатералниот протокол, Гир рече: „Самиот процес нема 100 процентни гаранции. Самиот процес се состои од серија на моменти кога едногласни одлуки треба да се донесат. Така функционира за сите земји. Ниту една преговарачка рамка не може да гарантира дека други прашања нема да бидат покренати. Доколку бидат покренати ЕУ како што има направено во други процеси за членство ќе се справи со нив“.

Гир истакна и дека има многу јасни индиции од ЕУ и од земјите членки дека сакаат овој процес да ги следи европските стандарди и европските принципи, а ЕУ има разбирање за идентитетските прашања.

„Минатата недела кога бев на меѓувладината конференција, високиот претставник и заменик претседател на ЕК, Борел конкретно кажа дека ги разбираме идентитетските прашања, но не го губите идентитетот за време на процесот. Ниту една земја не го направи тоа. Како што кажав во неколку прилики досега. Мислам видете ги земјите кои станаа членки. Дали Шпанците станаа помалку Шпанци. Дали Естонците кои се од помала земја станаа помалку Естонци. Дали Малтежаните од уште помала земја станаа помалку Малтежани. Не. Јасно дека не и нема причина оваа земја да го става својот идентитет под сомнеж“, рече Гир во интервјуто за РСЕ.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content