На летната сцена од ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, синоќа по втор пат се крена завесата на театарскиот фестивал за деца „Силјан Штркот”. Во трите фестивалски денови, најмладата публика ќе има можност да проследи три претстави: „Кралица на музиката”, „Алиса во земјата на чудата” и „Дружината на Лајко Сезнајко”.
Фестивалот за отворен го прогласи градоначалникот Илија Јованоски. Нагласувајќи ги специфичните услови во кој фестивалот се одржува, а имајќи ја притоа во предвид пандемијата со Ковид-19, градоначалникот Јованоски изрази надеж дека тоа сепак нема да влијае на квалитетот на претставите и дека публиката ќе ужива во текот на трите фестивалски денови. Посакувајќи им успешен фестивал на организаторите, тој им посака веќе од следната година, фестивалот да прерасне во меѓународен.
Организаторите велат дека фестивалот има за цел да ја развие имагинацијата, креативност и фантазијата кај децата и, воедно, да ги научат за важноста и значењето на културата и уметноста.
Театарскиот фестивал за деца „Силјан Штркот“ е поддржан од Општина Прилеп и Министерството за култура.