СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Политика

Заокружен 4. Жан Моне дијалог во Базош, Франција

На покана на европратениците, олеснувачи на Дијалогот Жан Mоне, Андреас Шидер, Марион Валсман и Илхан Ќучук, претседателот на Собранието Талат Џафери, заедно со потпретседателот Хусни Исмаили, координаторите на пратеничките групи на СДСМ, Јован Митрески, на ВМРО ДПМНЕ, Никола Мицески, координаторот на ДУИ, Арбер Адеми, координаторот на Алијанса за Албанците, Атнан Незири, Сафије Садики Шаини од Алтернатива, Фадил Зендели од Движењето БЕСА, членовите на Работната група за учество во Дијалогот Жан Моне и надворешните експерти, како и генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова со стручната служба на Собранието од 7 до 9 Декември 2023 година учествуваa на 4. Жан Моне Дијалог на Собранието со Европскиот Парламент, кој што се одржа во куќата на Жан Моне, во Базош сур Гијон во Франција.

Овој процес на дијалог, воспоставен во 2018 година, првично беше олеснет од сега покојниот европратеник Едуард Кукан (ЕНП), Кнут Флекенштајн (С&Д) и Иво Вајгл (АЛДЕ), заедно со претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери за време на 8-от парламентарен мандат. Во тековниот парламентарен мандат, процесот продолжи и беше олеснет од претседателот Џафери заедно со европратениците Марион Валсман (ЕНП), Андреас Шидер (С&Д) и Илхан Ќучук (Обнови).

Четвртиот Жан Моне дијалог се одржа по усвојувањето на новиот Деловник од страна на Собранието на Република Македонија а во пресрет на идните парламентарни и претседателски избори во Република Македонија.

Претседателот Џафери, заедно со раководството на Собранието, односно координаторите на пратеничките групи и претставниците на парламентарните партии, се вклучија на Дијалогот во Базош конструктивно и целосно во духот на Жан Моне кој што е заснован на градење доверба и постигнување компромис. Присутните, на консензуален начин усвоија збир на заклучоци, вклучително и за посветеноста да се продолжи со работа со целиот политички спектар во интерес на граѓаните на Република Македонија и во насока на успешно завршување на процесот на пристапување во Европската унија.

По дводневни активни дискусии, ко-фасилитаторите на процесот на Дијалогот Жан Моне, претседателот Талат Џафери и пратениците од Европскиот Парламент ја дадоа следната изјава:

„Сакаме да им се заблагодариме на сите пратенички групи и претставници на парламентарните партии вклучени во процесот на Дијалогот Жан Моне, за нивната неуморна и посветена работа на Деловникот кој беше усвоен со широк меѓупартиски консензус на 20 ноември 2023 година.

Денес се наоѓаме во Куќата на Жан Моне, основачот на Европската Унија кој решително работеше на својата визија за обединета, мирна и просперитетна Европа, со зближување на луѓето и земјите. Оваа куќа е симбол за постигнување консензус преку дијалог и токму тоа се случуваше во текот на целиот процес и изминатите два дена.

Секоја европска демократија има потреба од добро функционален парламент со јасна визија и силна решеност да испорача на своите граѓани. Силен парламент не е прашање на големината на парламентарното мнозинство, туку е демократски столб на општеството со култура на дијалог на високо ниво, со јасни правила почитувани од сите и форум каде што се носат одлуки по дебати и размена на најдобри идеи.

Преку Дијалогот Жан Моне, Собранието не само што беше ставено во центарот на градењето консензус во однос на законодавството за поддршка на реформските процеси на патот на земјата кон пристапување во Европската унија, туку и беше ставено во водечката улога, користејќи ги сите демократски, надзорни и законодавната легитимност и надлежност. ”

Приложените заклучоци со ова соопштение го претставуваат позитивниот исход од 4. Жан Моне Дијалог.

Заклучоци од Четвртиот „Жан Моне Дијалог“ со Собрание

Куќата на Жан Моне, Базош сур Гијон, 7-9 декември 2023 година

Ние, раководството, координаторите и претставниците на пратеничките групи во Собрание, се сретнавме по четврт пат во форматот на Дијалогот Жан Моне за мир и демократија, во Базош сур Гијон, Франција, од 7- 9 декември 2023 година. Заклучивме дека Дијалогот се потврди како витален инструмент за градење консензус во нашата работа во минатите пет години, ни помогна да ги спроведеме неопходните реформи на Деловникот на Собранието, обезбедувајќи на тој начин силно и функционално Собрание кое ќе ги исполни очекувањата и довербата на граѓаните.

Го почнавме процесот на Дијалог во Охрид, во Мај 2018 година, како признание на Охридскиот рамковен договор од 2001 година, што претставува симбол на силната волја, зрелоста и визијата на раководството на Македонија за надминување на огромните историски предизвици низ процес на инклузивен дијалог со медијација. Жан Моне Дијалогот за мир и демократија, инструмент на парламентарната дипломатија развиен од Европскиот Парламент во областа на парламентарната медијација и дијалог, беше природното продолжение на посветеноста за градење доверба преку инклузивен дијалог.

Првиот Жан Моне Дијалог (2018) резултираше со усвојување на Етичкиот кодекс со огромно мнозинство на сите партии на пленарна седница на Собранието. Следните два круга на Дијалогот Жан Моне (2019/2020) се фокусираа на финансиската независност на институцијата и независност на Службата на Собранието.

Следејќи ги обврските од третиот круг на Дијалог, ги ставивме нашите политички разлики настрана и работевме конструктивно на консолидирањето на нашата работа на Деловникот. После опсежната работа на Работната група за учество на Дијалогот Жан Моне во Собранието за консолидирање на сите предлози на политичките групи, како и на експертите и Службата, се постигна согласност за новиот Деловник на Собранието кој конечно се усвои на 20 Ноември 2023 година.

Новиот Деловник, кој ќе се спроведува од наредниот парламентарен состав, ќе осигура Собранието да биде централниот форум за здрава демократска дебата, работејќи во духот на дијалогот и волјата за слушање и правење компромис за доброто на нашите граѓани. Новиот Деловник ќе ни овозможи да се фокусираме на суштинските прашања и да не бидеме забавени поради процедуралните пречки кои ја предизвикуваа работата на Собранието во минатото.

Четвртиот Жан Моне Дијалог беше можност за нас да ги одбележиме овие достигнувања и преку размена на научени лекции од претходните проширувања на ЕУ, да се фокусираме на трансформативната димензија на овој процес и улогата на Собранието во него.

Со четвртиот Дијалог, ние:

* Го признаваме суштинско достигнување за измена и усвојување на „Деловникот“ на Собранието;

* Ја препознаваме важноста на целиот процес на Дијалогот Жан Моне и одиграната улога од раководството на Собранието во минатите 5 години;

* Се согласуваме дека ова не е вежба за штиклирање точни одговори, туку осигурување дека Собранието ја има потребната поставеност да функционира и да испорачува резултати во интерес на граѓаните, особено во процесот на пристапување во ЕУ;

* Ја препознаваме демонстрираната политичка зрелост на раководството, на пратеничките групи и претставниците на политичките партии во Собранието;

* Го препознаваме консензусот на сите политички актери присутни на Дијалогот Жан Моне за членството во ЕУ како стратешка цел за Македонија;

* Се посветуваме да ја забрзаме работата во врска со оваа стратешка цел надминувајќи ја политичката поделеност – без разлика кој ќе победи на изборите на 8 мај следната година;

* Ја препознаваме суштинската улога на Собранието во процесот на пристапување во ЕУ;

* Го сфаќаме единствениот момент на проширување во актуелниот геополитички околности;

* Го повикуваме Европскиот Парламент да размисли за давање статус на набљудувач на пратениците на Собранието во Европскиот Парламент;

* Следејќи ги примерите на парламентите на Украина и Молдавија, силно препорачуваме отворање на канцеларии за врски на Собранието во Европскиот Парламент со цел зголемување на блиската соработка и размената на информации меѓу нашите две институции;

* Се согласуваме дека Собранието и Европскиот Парламент треба да продолжат да соработуваат во рамки на Дијалогот Жан Моне и во нивните следни парламентарни состави;

* Поддржуваме тесна соработка на Собранието и Европскиот Парламент во процесот на преговорите за проширување на ЕУ.

Конечно, се согласивме да продолжиме со нашиот дијалог за спроведувањето на агендата за ЕУ и институционални реформи, како и пошироки теми од взаемен интерес за раководството, координаторите и претставниците на парламентарните партии во следниот состав на Собранието.

Потпис:

Н.Е. Г. Талат ЏАФЕРИ, Претседател на Собрание

Г. Хусни ИСМАИЛИ, Заменик-претседател на Собрание

Г. Јован МИТРЕСКИ, Координатор, СДСМ& МОЖЕМЕ

Г. Никола МИЦЕВСКИ, Координатор, ВМРО-ДПМНЕ & КОАЛИЦИЈА

Г. Арбер АДЕМИ, Координатор, ДУИ

Г. Атнан НЕЗИРИ, Координатор Алијанса за Албанците

Г-ѓа Сафије Садики ШАИНИ, АЛТЕРНАТИВА

Г. Фадил ЗЕНДЕЛИ, пратеник, БЕСА

Г. Панчо МИНОВ, претседател на Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања

СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content