Болницата, Здравствениот дом и Итната помош ќе се спојат во една установа во Прилеп

0

Според Драган Богојески, в.д. директор на Општа болница со проширена дејност, во една установа ќе се спојат Болницата, Здравствениот дом и Итната медицинска помош.

Во тек се активностите за административно спроведување на таа одлука од Владата со која сега во едно ќе функционираат јавните здравствени установи во Прилеп. Главно, службите во Болницата и во Здравствениот дом остануваат да функционираат. Постепено, како ќе се создаваат приликите, тие служби од Здравствениот дом ќе се инкорпорираат во Болницата. Прво, за да се намали непотребното удвојување на кадарот и на администрацијата и да се намалат просториите во кои ќе се троши енергија – објаснува Богојески.

 

Службата на Итната медицинска помош од досегашниот стар објект треба да се префрли во рамките на болничката зграда.

Планот е Итната медицинска помош да се префрли во рамките на Болницата, да нема препраќање на пациентите од Службата во Ургентното одделение. Имаме идеи и ќе ги спроведуваме овој нареден период – вели Богојески.

Процесот ќе се одвива во наредните месеци и ќе се црпат искуствата од други градови каде реорганизацијата е спроведена, како што се Кавадарци, Гевгелија, Кочани.

Допрва ќе се разговара помеѓу тимовите на Градската болница и на Здравствениот дом за да се разгледаат состојбите.

Прилепската Болница се справува со зголемување на трошоците, посебно зголемени во пандемијата.

Болницата има околу 30 милиони денари обврски кои се сметаат за занемарливи според податоците за другите болници. Обврските се релативно мали, посебно се должат на периодот со ковид-ситуацијата. Лекувањето е бесплатно, а партиципацијата е сведена на 10-кратно помала – вели Богојески.

Во моментов, во Болницата на трите ковид-одделенија: Инфективното, Очното и Ушното одделение, се лекуваат 35 пациенти. Пред еден месец е затворен ковид-одделот на Гинеколошкото, а деновиве и на Интерното одделение. Ситуацијата со ковид-19 е стивната во овој период и од прилепската болница се надеваат дека бројот на новозаразени ќе опаѓа.

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content