Бесија Иљази им го продолжи договорот за работа на 18-те договорци, меѓу нив и на болничарот што барал урина со дрога да се замени за чиста
Вчера попладнето им биле изготвени решенијата на сите 18 лица со договор на дело на Клиниката за токсикологија, иако формирањето на влада не е завршено, дознава „Слободен печат“ од свои доброупатени извори на Клиниката. За ова алармираа вработените преку писмо до јавноста, потенцирајќи дека разрешувањето на медицинскиот директор Данил Петровски од Клиниката за токсикологија е со цел да се протуркаат овие вработувања.
Меѓу примените е и болничар кој јавно на камера призна дека побарал „услуга“ од лаборантот која не му била завршена, а тоа е да замени резултат од урина во која имало наркотици со чиста урина.
Двајца од тројцата примени болничари според информации на „Слободен печат“ се со несоодветно образование.
Примени се петмина административци. Една од примените медицински сестри е во блиска релација со вработен во Клиниката.
На Клиниката за токсикологија овие продолжувања на договорите биле извршени со само еден потпис на економската директорка Бесија Иљази со оглед на тоа што заменик на медицинскиот директор Данил Петровски уште нема.
Професори од Клиниката за токсикологија одржаа прес конференција на која посочија дека болницата нема потреба од сите 18 вработувања, туку само од неколку со фокус на биологот неопходен да функционира токсиколошката лабораторија. Вработувањето на 18-те договорци предизвика бурна атмосфера и поделба во групи на клиниката, поради тоа што дел од вработените тврдат дека овие кадри се вработуваат партиски и од нив нема потреба.
Медицинскиот директор Данил Петровски кој беше разрешен, одбивал да ги продолжи договорите на овие лица, после што следуваше негова смена од функцијата. Економската директорка Бесија Иљази пак, инсистираше на тоа овие лица да се вработат. Настана конфликтна ситуација во болницата а вработените обвинуваа дека Клиниката не е осигурана, а имаше и поплава од пукната цевка за парно. До вчера, токсиколошката лабораторија немаше ни биолог, ама во групата од 18 лица вчера продолжен му е договорот за работа и на биологот. Денеска сите 18 се појавиле на работа.
Инаку, Министерството за здравство на Фејсбук објави изјава на која не стојат имиња туку само своерачни потписи, а во која докторот од Клиниката за токсикологија Нико Беќаровски се обвинува за албанофобија, нешто што беше демантирано од бројни лекари преку официјална изјава.
Извор: Слободен печат