СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Локално

Света Архиерејска Литургија во храмот Св. Петка во Прилеп

Со соборност и великолепие вчера беше чествувана славата на нашиот преубав храм посветен на Св. преп. мчца. Параскева (Петка) Римјанка. Свеченостите започнаа со вечерната богослужба во понеделникот, на која беа осветени повеќе петолебија. Вчера на празникот, чествувањето продолжи со празнична утрена богослужба и Света Архиерејска Литургија со која чиноначалствуваше Митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски г. Петар во сослужение на архиерејскиот намесник за Прилеп, протоереј Влатко Ристески, старешината на храмот Св. Петка, протоереј Љупче Петрески, ереј Јове Тренчевски, протоѓакон Драган Ѓорѓиевски и ѓакон Кирил Данев. Литургиското чествување пропратено со ангелските гласови од храмовиот хор, се одвиваше под отворено небо, на платото пред храмот кое беше исполнето од верните прилепчани.

Митрополитот Петар одржа и пригодна празнична беседа во која го истакна големото значење на мачениците во православниот свет. Една таква голема маченичка е и Св. Параскева – Петка Римјанка чиј што спомен го празнуваме денес. Тој додаде дека православната вера се темели врз маченичката смрт на светителите. За да се освети еден храм потребни се мошти од светители врз кои подоцна се служи Светата Литургија. Нивната вера во Христа распнатиот секогаш треба да ни биде пример како се сака и почитува православната вера за да добиеме Царство Небесно.
По завршувањето на Светата Литургија нашиот архиереј го благослови славскиот колач од годинешните кумови односно домаќини.

Потоа, од страна на храм Св. Петка а со благослов на Неговото Високопреосвештенство митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски г. Петар, на сите оние, кои на било каков начин се вложија, ставајќи камче по камче во овој огромен мозаик односно помогнаа да се изгради и разубави овој велелепен дом Божји од страна на нашиот архиереј, им беа врачени благодарници. Поради огромниот број на луѓе кои се вложиле во помагањето, а не можејќи во еден ден на сите да им врачи благодарници, од храмот искажаа намера ова да премине во традиција, па така секоја година на храмовата слава да доделува по неколку Благодарници. „Невозможно е во еден ден да доделиме толку многу Благодарници, затоа ве уверуваме дека никого не сме заборавиле, и на секого благовремено ќе му доделиме Благодарница.“ – рече претставникот на храмот, отецот Дамјан Трпкоски. Па така, оваа година, изразувајќи ја својата благодарност, храмот Св. Петка додели благодарници, на:

Прилепска Пиварница, акционерско друштво од Прилеп и Витаминка, акционерско друштво, за нивната опшествена одговорност, како компании кои се докажале како постојани помагатели во полза на храмот, но и општото наше добро. Ве уверуваме дека без нивната несебична помош не би можеле денес да се насладуваме на велелепието на овој храм.

Благодарница на фирмата Ибо-под и благодарница на г-дин Саше Цветаноски, за нивната несебична помош во механизација и човечки ресурси, за уредувањето на паркинг просторот и партерното уредување на нашиот храм.

Благодарница на Дар-Дам градина, градинарски центар, за нивното проектирање, изведување и хортикултурно уредување на паркот при нашиот храм. Без нивното чувство за убаво уреден двор, денес нашиот храм немаше да биде, еден од најубаво уредените храмови во нашата татковина.
Благодарница на Александар Десоски односно, ФОТО ЗРАК, за неговата несебична и пожртвувана љубов кон храмот, која постојано го поттикнува да излегува во пресрет на нашите можеби некогаш и чудни и претерани барања, кои често пати се со многу краток временски период. Но, тој и неговите вработени постојано не испреваруваат со нивната иновација, посветеност и брзина.

Благодарница на Фамилијата Станчески и Фамилијата Поповски. На Зоре и Роберт, Господ им дал талент за распознавање на убавата црковна уметност. А, ние ве уверуваме дека тој талент го искористиле полезно и тројно го умножиле. Без нивната несебична помош и труд во овие тешки времиња и разбирањето и поддршката на нивните семејства, нашиот храм не би бил украсен со толку многу фрески и икони.

Благодарница на г-дин Трајче Андреески и Благодарница на г-дин Добре Јосифоски. На рамењата на мајсторот Трајче се надвиснале многу години, но неговиот дух не живее во границите на годините, па постојано се труди да придонесе со неговото мајсторско искуство и вештини околу градежните работи на храмот. Но, во носењето на тој товар негова десна рака е мајсторот Добре кој постојано му е телесна и духовна поткрепа околу сите градежни активности.

Финансиите се потребни нешта, но нивната вистинска вредност ја добиваат кога има луѓе кои знаат правилно и полезно да ги наметнат. Такви луѓе се нашите настојатели. Благодарница на црковниот одбор кој го сочинуваат проф. др. Трајче Мицески, човекот кој се труди околу нашите служби, без кој нашите служби се незамисливи. Г-дин Марјан Митрески, нашиот шеф, човекот кој е онаа клучна алка која ги поврзува двата краеви на јажето. Г-дин Благоја Ангелески, човекот кој својот сон го скратува за да дојде и да помогне околу потребните активности во, и околу храмот. Г-дин Тони Тинтоски е човекот кој постојано сите ги поткрепува телесно со неговите мајсторски вештини, и духовно со неговата молитвеност.

Благодарница на г-дин Марјан Ристески. Доајенот од нашето време. Човекот за кого ние немаме доволно зборови да го опишеме негово дело за храмот, а доколку би имале зборови, тогаш тоа секако ќе биде во неколку томови. Господинот Ристески е пример и образец за личност која неуморно работи за зачувување на нашите христијански вредности и традиции. Човек кој како градоначалник на градот несебично се вложи за општото наше добро. Ликот и делото на Марјан треба да биде пример за сите, сегашни и идни градоначалници, какви треба да бидат и како да работат, пред се како личности, а потоа и како градоначалници.

Митрополитот Петар им се обрати на донаторите поттикнувајќи ги и понатаму да продолжат со донирање за доизградба како на овој така и на други православни храмови, а водилка да не им биде надежта нивните имиња да бидат впишани во изградбата на земниот храм ами во Небесната Црква.

Митрополитот на самиот крај направи панихида за починатите прилепчани кои загинаа во воениот конфликт во 2001 година на Карпалак.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content