СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Економија

Ограничени маржи наместо замрзнати цени на основните прехранбени производи

Стапи во сила одлуката за одредување највисоки трговски маржи на продажните цени на основните прехранбени производи во трговијата на големо и мало, што минатиот вторник ја донесе Владата на предлог на Министерството за економија, а престанува да важи претходната одлука за замрзнување на цените на основните прехранбени производи.

Новата одлука, во која на листата на основни прехранбени производи се додадени и овошјето и зеленчукот, пченицата, суровото сончогледово масло и солта, ќе важи до 31 мај годинава.

Со одлуката се определува највисоката трговска маржа да изнесува до 5 отсто на продажната цена пресметана во трговијата на големо, односно до 10 отсто на продажната цена во трговија на мало кај лебот, шеќерот, солта, брашното – тип 400, суровото сончогледово масло и сончогледово масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 отсто, свежото месо и сувомеснати производи, сирењето и урдата, оризот, јајцата, тестенините, пченицата и овошјето и зеленчукот. Кај трговците на мало во вкупниот износ на трговската маржа до 10 отсто се вклучени рабатот и надоместоците кои трговецот на мало ги наплаќа од трговецот на големо за рекламирање и за примарни и секундарни позиции за изложување на стоките на рафтови, односно полици.

Доколку трговците не се придржуваат до оваа одлука согласно Законот за трговија ќе следуваат глоби во износ од 800 до 1.000 евра во денарска противвредност за микро трговец, од 1.600 до 2.000 евра за мал трговец, од 3.000 до 6.000 евра за среден трговец и од 7.000 до 10.000 евра во денарска противвредност за голем трговец.

Во наредниот период, според најавите од надлежните, Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) ќе излезе на терен со засилени контроли кај трговците, а граѓаните кои ќе утврдат зголемување на цените на основните прехранбени производи можат да пријават на бесплатниот телефонски број 191 на ДПИ.

Денеска престанува да важи претходната одлука на Владата за замрзнување на цените на основните прехранбени производи што беше донесена на 5 декември минатата година. Тогаш цените на основните прехранбени производи беа замрзнати со цената што ја имале на 1 декември 2021 година.  Првично беа замрзнати цените на лебот, шеќерот, брашно – тип 400, сончогледовото масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 проценти, свежото месо и сувомеснати производи, сирењето и урдата. Потоа одлуката беше проширена и за оризот, јајцата и тестенините.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content