СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Политика

Нема прослави на Нова година во викендички, на плоштади и во хотели

Владата на синоќешната редовна 30. седница ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести, поддржани и од Главниот координативен штаб, за дополнителни рестриктивни мерки во периодот од 18 декември до 20 јануари.

Во согласност со овие препораки, Владата донесе измени и дополнувања на одлуката за превентивни препораки, привремени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита од ковид-19, според кои се ограничува работата на угостителските објекти, наместо до 21 часот, да биде до 18 часот, освен за угостителските објекти што остваруваат продажба на алтернативен начин (онлајн-нарачки, телефонски нарачки и слично) и да вршат достава или да овозможат самостојно подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект (преку штанд/пулт).

Дополнително, работата на угостителските објекти до 18 часот да биде спроведена во рамките на веќе усвоените протоколи за работа. Оваа мерка да почне да се применува од 18 декември 2020 година до 21 јануари 2021 година.

 

Владата ја прифати препораката да се забрани организацијата и одржувањето каков било тип новогодишни прослави и прослави на верските празници, како и забрана за организирање Нова година на отворен и затворен простор во организација на сите физички и правни субјекти, вклучувајќи ги и јавните институции, и во оваа насока им се укажува на општините, како и на сите организации основани од локалната самоуправа, дека се забранува какво било групно собирање и организирање прослави по повод претстојните новогодишни и верски празници и доколку тие веќе имаат организирано, да се откажат.

Во овие мерки е вклучена и забрана за хотелите за организирање прослави по повод претстојните новогодишни и верски празници и доколку тие веќе имаат организирано новогодишни прослави, да ги откажат, како и функционирањето на хотелите да биде во рамките на веќе усвоените протоколи за работа.

Во угостителско-сместувачките објекти (хотели, мотели, хостели и слично) во нивните ресторани се ограничува работното време до 21 часот и да работат исклучиво за пансионските гости и само за време на послужување на оброците и се ограничува работното време во кафетериите, баровите и на шанковите во угостителските сместувачки објекти заклучно до 18 часот.

Со овие дополнителни мерки Владата им укажува на верските заедници за забраната од организирање и групно собирање на, во и околу верските објекти по повод претстојните верски празници, вклучително и со препораките за прослави во домашни услови, во викендички и во разни објекти во туристичките локации на територијата на Република Северна Македонија.

Новите мерки опфаќаат и забрана за давање под наем викендички и други туристички капацитети за сместување на територијата на Република Северна Македонија, за групно собирање и организирање прослави по повод претстојните новогодишни и верски празници, освен за давање под наем на лица од едно исто семејство.

За успешно спроведување на мерките, Владата препорачува засилени контроли и инспекциски надзори од страна на полициските службеници и надлежните инспекторати за почитување и спроведување на мерките и препораките за заштита од Ковид-19 во претстојниот период на новогодишните и верските прослави, кои ќе почнат да се применуваат од 18 декември 2020 година до 20 јануари 2021 година.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Messenger icon
Пишете нѝ на Фејсбук!
Skip to content