СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Политика

Милиони евра „ископале“ 100 ригови во магацините на ГТЦ за Габриел Бајрам

Во магацинот во ГТЦ во Скопје, изнајмен од фирма на Габриел Бајрам, имало најмалку 100 ригови (графички станици) за копање на биткоини кои таму работеле најмалку три години. Каде завршиле „риговите“? МКД.мк разговараше со едно од лицата кои го одржувале овој систем и на кои им било јасно дека тука главниот криминал е кражбата на струја, а не работењето на риговите и копањето на биткоини.

Можам слободно да ви кажам дека само за тој период додека јас бев ангажиран таму биле заработени милиони евра, вели нашиот соговорник.

Според него, во магацинот на сите им било јасно дека тука има класична кражба на струја, затоа што имало човек кој бил одговорен за преврзувањето на жиците за влез на електричната енергија. Само за риговите месечната сметка за струја би требало да биде околу 4 до 5 илјади евра месечно, а уште толку и за накнадно инсталираната климатизација, вели нашиот соговорник кој додава дека во овој период на двапати пријавил во МВР кражба на струја меѓутоа немало никаква реакција.

Тоа значи дека годишната вредност на потрошената електрична енергија била околу 120 илјади евра. Оваа сума, се сомневаат од Здружението на граѓани сопственици на деловен простор во ГТЦ 1973, од менаџментот на АД ГТЦ, рамноправно била распределена на нивна сметка. И тоа траело најмалку три години, се до ноември минатата година кога овој скандал беше откриен, но не и затворен со казни за сторителите.

Габриел Бајрам, советникот во Град Скопје од Сојузот на Ромите, коалициски партнер на СДСМ, на 30 јуни бил повикан во полициска станица на распит за кражбата на струја во ГТЦ и копањето на биткоини. Бајрам неколку пати бил повикуван во полициска станица, му биле испраќани покани, но не се појавувал пред службените лица. По ова по него бил распишан централен распис и на 30 јуни бил приведен и спроведен во полициска станица на службен разговор.

Потоа, на 21 јули, тој присуствуваше на официјалниот прием во Клубот на пратениците по повод „почнување на преговорите“ на Македонија со Европската Унија.

Откако во ноември минатата година полицијата се обиде да интервенира по откривањето на скандалот, па брзо се повлече од каква било акција, „риговите“ на Габриел Бајрам од магацинскиот простор во ГТЦ не завршиле во полиција како доказен материјал.

За кражбата на струја во ГТЦ поради „копање“ на биткоини се води постапка, но овие ригови не се предмет на истрага. Според неофицијални информации,  целата опрема од ГТЦ завршила кај крадци, кои по објавената информација во медиумите дека во подрумите на ГТЦ има опрема за „копање“ на биткоини, успеале да ја одземат.

За ова, најверојатно знае и Бајрам, но не ја пријавил кражбата бидејќи нема основ да пријави дека е украдено нешто за кое тврди дека не е негово. Бидејќи никој не пријавил кражба, никој и не постапува. Бајрам беше во полициска станица за овој случај, но откако за него беше распишана потерница.

Последниот договор на АД ГТЦ со ЕСМ продажба ДОЕЛ склучен лани на 16 ноември за годишна набавка на електрична енергија е за 6.359 мегаватчаса. Лани истиот договор бил за 12.779 мегаватчаса. Наеднаш истите дуќанџии, истата компанија има потреба за двојно помалку струја.

Обвинителството сега постапува по, како што велат известување за настан добиено од МВР.

Во полициска станица се повикани и извршени се службени разговори и со надлежните во ЕВН и Градскиот трговски центар Скопје, а се вршат службени разговори и со други лица.

Од МВР известуваат дека по комплетирање на целокупниот материјал ќе биде доставено известување до Основното јавно обвинителство Скопје за преземените мерки.

Одговорите треба да ги дадат МВР и Обвинителството.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Messenger icon
Пишете нѝ на Фејсбук!
Skip to content