СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Политика

Како функционери и актери на диво изградиле цела луксузна населба

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) отвори предмет и ќе истражува како тоа изминатава деценија, на територијата на Националниот парк „Маврово“, веднаш над комплексот „Кораб Трница“, функционери и други моќници на диво изградиле цела викенд-населба со дваесетина луксузни куќи и вили, иако не постои законска можност да се издаде градежна дозвола за таа локација.

Одлуката на Антикорупциска доаѓа откако Истражувачката репортерска лабораторија го објави истражувањето „Зелени тајни“, кое открива дека семејството на пратеничката од ЛДП Моника Зајкова, помошник-министерот за внатрешни работи Маријан Здравковски, актерите Игор Ангелов и Маја Вељковиќ, како и други функционери, моќници и јавни личности, во дубиозни постапки изградиле и легализирале вили, а се сечела скапоцена, столетна шума и се пробивале патишта за нови луксузни комплекси.

Неофицијално, ИРЛ објави дека и институциите и околните жители споменуваат имиња на високи функционери од партиските подмладоци на повеќе партии, кои заеднички си смислиле „нова визија“ на просторот – луксузната населба, изградена на диво и на државно земјиште, претенциозно ја нарекле „Трница хилс“. Планирале нивните дивоградби да се легализираат со новиот закон за легализација, изгласан од пратениците лани во мај. Со контроверзниот закон, власта дозволи да бидат озаконети дури и градби изградени во национални паркови и заштитни зони на извори на вода за пиење.

Општината Маврово и Ростуше, на чија територија е изградена дивата населба, не презема чекори за санкционирање на узурпаторите и уривање на овие дивоградби, правдајќи се дека ниту една фирма не се нафаќа да ги урне.

Од службата за односи со јавност на ДКСК потврдуваат дека е оформен предмет по допрен глас во врска со информациите објавени од страна на ИРЛ за дивоградби во Трница.

„Конкретно на територијата на Националниот парк „Маврово“ е изградена цела дива населба веднаш над комплексот „Кораб Трница“, во која помошник-министер, пратеничка и актери биле соседи во дива населба изградена на државно земјиште во таканаречениот комплекс „Трница хилс“. Предметот, согласно со деловникот за работа на ДКСК, е распределен на член на ДКСК и постапувањето по истиот е во тек“, пишува во дописот на Државната комисија за спречување на корупцијата.

ИРЛ објави и дека пратеничката Моника Зајкова дивоизградената вила во Трница ја навела во анкетниот лист за имотот што го поседува, кога првпат стана народна избраничка, во 2020 година – како имот стекнат од родителите. Објектот е запишан во Катастарот на име на нејзиниот татко, Бранко Зајков. На истата парцела каде што се наоѓа вилата на Зајкови има уште еден објект кој е во сопственост на Марјан Здравковски, помошник-министер во Одделот за информатика и телекомуникации при МВР, сопартиец на Зајкова од редовите на ЛДП, пишува ИРЛ.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Messenger icon
Пишете нѝ на Фејсбук!
Skip to content