СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Економија

УЈП ги објави најголемите должници

Управата за јавни приходи ја објави листата на должници на која се најдоа 5.105 фирми и граѓани кои имаат доспеани долгови до 31 јули, а не ги платиле до 31 октомври. Долговите се по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини.

За физички лица вкупниот износ на долгот е повисок од 2.000 евра, а за правните лица повисок од 5.000 евра. На Листата на должници објавени се 1815 должници правни лица на која има 32 правни лица повеќе од претходната и 3683 физички лица што е за 54 повеќе од претходната листа.

Топ-10 листата на должници ја предводи „Окитна Трејд“ од Визбегово која должи 648.650.841 денар по основ на ДДВ.

Втора е подружницата на чешката фирма со руски сопственик, „СГСМ Оил Гас Сервис“ која должи 219.457.045 денари, односно над 3,5 милиони евра.

Трето е Јавното комунално претпријатие Гостивар кое должи околу 2,3 милиони евра.

Следува „Дивелоп Груп ДОО Скопје“, компанија во чија сопственост е хотел „Мериот“ , со долг од нешто над два милиони евра односно 128, 5 милиони денари за ДДВ и данок на добивка. „Дивелоп Груп„“ е во сопственост на „Бест Веј“ фирма на синот на Сашо Мијалков, Јордан, како и на Александар Ивановски познат како Алек Теранова.

Меѓу најголемите десет должници е фирма на Трајче Заев, братучед на Зоран Заев која е деловно неактивна и има еден вработен, но должи два милиони евра за ДДВ. Оваа компанија е всушност струмичката фирма „Фероцем Плус ДОО Струмица“ основана во јуни 2017 година од Трајче Заев и Јанко Јанев. Таа фирма е преименувана во „Абира Плус ДООЕЛ“ со седиште од Струмица во Куманово, два месеца откако се затвора „Еуростандард банка“ во која должи околу 360.000 евра. Фирмата добива и нов сопственик и управител, Родна Димова која е холандски државјанин.

Меѓу останатите најголеми должници се „Мил-Давит ДОО Скопје“, „Хотел Гранд ДООЕЛ Скопје“, турската „Спектра Јеотек“, од Кратово, „Блек Си Метал Трејдинг“ од Скопје и Центарот за култура од Тетово, „Иљо Антески Смок“.

Вкупно објавениот нето долг во Листата бр.11/2023 изнесува 9.067.088.954 денари односно 147,4 милиони евра и долгот во однос на претходната листа е зголемен за повеќе од 872.182.529 денари или за околу 14 милиони евра. Нето-долгот за даноци и придонеси изнесува 8.900.288.661 денари, (повеќе за 847.836.009 од претходната листа), додека долгот за царински давачки е 166.800.293 денари (повеќе за 24.346.520 денари од претходната листа).

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content