ВМРО-ДПМНЕ објави ново парламентарно мнозинство

43

Најави дека доколку премиерот Зоран Заев не ја поднесе најавената оставка тие ќе поднесат иницијатива за недоверба на Владата. Новото мнозинство го сочинуваат 61 пратеник, како што објавија дел од лидерите, со тенденција да се зголеми до 64 пратеници. Од СДСМ пак ги повикаа на соработка сите демократски сили и пратеници „да не остават траен печат со својот глас за нови кавги, уназадувања и меѓуетнички конфликти“.

Имаме мнозинство кое што ќе гарантира дека оваа влада предводена од СДСМ ќе е минато. Ја очекуваме оставката на Заев која ја најави доколку тоа не се случи ќе поднесеме недоверба на Владата. Очекуваме да ја поднесе оставката, изјави Мицкоски синоќа по средбата во Собранието со лидерите на Левица Димитар Апасиев и на Алтернатива Африм Гаши, како и генералните секретари на Беса Арјанит Хоџа и на Алијанса за Албанците Арбен Таравари.

 

Очекувам, рече Мицкоски,  во периодов што следи да се обидеме да создадеме ново владино мнозинство, а сите опции се во игра.

Едната опција е да се формира ново мнозинство кое што ќе изгласа недоверба на Владата, доколку Заев тактизира со оставката, и втората е да одиме на брзи и предвремени парламентарни избори, изјави Мицкоски.

Најави детали за денеска на прес-конференција и посочи дека „ова е мнозинство со коешто се гарантира дека оваа влада предводена од СДСМ и Зоран Заев е минато“. -За се останато треба да седнеме, разговараме за програмски определби, за иднината, за стратегијата понатаму, но во текот на утрешниот ден ќе имаме прес-конференција и ќе кажеме малку повеќе, рече вчера претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, кој го објави новото парламентарно мнозинство на Фејсбук, споделувајќи заедничка фотографија со Апасиев, Хоџа, Гаши и Таравари.

Од СДСМ, пак, порачаа дека доколку навистина има ново парламентарно мнозинство очекуваат тоа да се потврди низ соодветните собраниски процедури и евентуален избор на нова влада. Ќе видиме, наведоа од СДСМ, дали ќе се избере нова анти-демократска, анти-Преспа, анти-НАТО и анти-ЕУ Влада.

Народот виде како на иста маса седнале претставниците на анти-НАТО, анти-ЕУ, анти-Преспа и анти-демократските структури во земјава, учесниците во крвавите дејствија од 27 април, заедно со оние кои декларативно се залагаат за евро-атланскиот курс на земјата и тепани на истиот 27 април. Овој состав значи конфликт на принципи, конфликт на ставови, конфликт на политики и конфликт на вредности. Таков политички состав не може да испорача ништо за интересот на граѓаните, ниту пак за националните интереси на државата, бидејќи единственото заедничко на таа маса е желбата за власт, истакнаа од СДСМ.

Порачаа дека се страната на граѓаните, националниот интерес и напредокот на државата, како и дека нема да дозволат дестабилизација на земјата, поништување на Договорот од Преспа, нови кавги со соседите и поништување на сѐ што постигнале заедно со граѓаните во изминатите четири години.

Има подржувачи на евроатлантската иднина помеѓу пратениците на политичките партии кои вечерва најавуваат ново мнозинство. Има меѓу тие пратеници луѓе кои не сакаат да влезат во пакт со нацистите и фашистите од Левица која е отворено против НАТО. Ги повикуваме на соработка и одговорно застанување на страната на демократската опција. Ги повикуваме сите демократски сили и пратеници кои сакаат продолжување на вистинскиот пат, патот на напредокот, на интеграциите во ЕУ, на правдата и економскиот напредок да не дозволат да остават траен печат со својот глас и да бидат споменувани како пратеници и луѓе кои ги донеле новите кавги со соседите, уназадувања на патот кон ЕУ, нови меѓуетнички конфликти, посочија од СДСМ.

Укажаа дека евентуалното ново мнозинство, ќе треба да ја преземе одговорноста за справување со пандемијата и со енергетската криза, одговорноста за предизвиците кои следат со европските интеграции на земјата и усвојувањето на Буџетот за 2022 година, тоа е најодговорно во овој момент. Деновиве, потенцираа од СДСМ, ќе видиме дали Мицкоски има капацитет и одговорност за овие чекори и одговорности.

Лидерот на ДУИ,  коалицискиот партнер на СДСМ, Али Ахмети, порача дека комуницираат со партиите со евроатлантска определба и стратешките партнери, како и дека нема да постапуваат ниту со емоција, ниту со еуфорија.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content