СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Локално

Во прилепскиот архив – пронајдена географска карта од 19 век на која е исцртана „Виа Игнација“

Прилепскиот архив пронајде ретка и интересна мапа на која, се смета, првпат во јавноста е откриено исцртување на познатиот римски стопанско-трговски пат „Виа Игнација“ што поминува низ Македонија.

Според директорката на прилепскиот архив, Елена Чагороска, станува збор за многу значајна историска карта која има обележја од многу важни историски места и знаменитости. Мапата е османлиски документ, датира од 1883 година. Тогашниот Хусреф бег-паша, заминувајќи од Прилепскиот регион, на месното население му го подарил имотот со ниви, воденици и ан. Сакал да ја покаже вредноста на имотот, но и дека Прилеп се наоѓа до битни крстосници.

-Интересната карта ја пронајдовме во одделението за имотно-правни работи, во подарување имоти и беше сместена во документите од 1952 година. Станува збор за многу значајна историска карта која има обележја од многу значајни историски места и знаменитости. Не е толку интересен подарокот на имотот што го дал Хусреф бег-паша при заминувањето од прилепската територија, но интересен момент е што на делот од Прилеп што е на оваа карта, се опишуваат патиштата кои Прилеп го поврзуваат со Велес. Тоа се две патишта – едниот преку Крстец, другиот преку селото Присад. Најважниот дел што нѐ изненади, и многу ми е драго што е тоа првпат во земјава. За да покажат колку е значајно местото од каде се подарува имотот, исцртано е со кои градови Прилеп се поврзува. Покрај тоа што се поврзува со Битола, интересно е дека е прикажан патот „Виа Игнација“. Прикажан е и во еден дел, во друг сооднос од картата, и тоа Виа Игнација од Драч, Албанија, поврзувајќи ги Радожда, Струга, Охрид-Лихнида, Ресен, Битола-Хераклеја до Лерин и потоа до Солун. Даден е тој дел од  Виа Игнација. Од Битола, даден е друг пат кој се поврзува со Прилеп. Кога и во кој период е поврзан, не знаеме. Но, битен ни е стариот пат што е користен во тој период, објаснува Чагороска.

 

Досега, додава, нема сретнато така да е исцртана Виа Игнација на мапа.

-Колку што имам податоци, „Виа Игнација“ прват е прикажана на мапа. Инаку, патот е граден 146 година од нашата ера. Граден е 44 години, според археолошките истражувања. Во изградбата учествувало месното население. Целта на патот бил да се поврзе Исток со Запад, односно Јадранот до Солун па во Византија, Цариград, денешен Истанбул. А кога се поврзува од Битола преку Прилеп, Велес, Скопје, Куманово, тоа сѐ уште не знаеме. Инаку, како исцртана на мапа, првпат е прикажана Виа Игнација. Ова нека биде поттик за натамошни истражувања, зашто имам сознанија, во Радожда, повеќе од еден километар „газиме“ по Виа Игнација. Исто и кај Хераклеа еден период беше пронајден дел од патот. Целта со патот е Римското царство да се шири економски, политички и стратешки, нагласува Чагороска.

Географската карта или мапа е многу голем доказ за обележјата во Прилепскиот регион. Прецизно се дадени значенитости, височини, реки.

-Освен тоа што Прилеп се потврдува како гео-стратешки, трговски град, поврзан со многу патишта и комуницира со тогаш важни градови со поголем економски развој, битно е што го опишува и делот од Прилеп кој, до ден-денес, е познат со историските обележја. На пример, како Дервенските кули, односно Дервенскиот премин дадено со надморските височини до врвот. На мапата се обележани местата кои Бегот ги подарува на населението, конкретно на жителите на селото Крстец,  109 декари со две воденици и Ан каде одморале патниците, а обележани се и воденици каде се сливале две води. Опишано е местото и ден-денес познато во Прилеп – Поводенци. Тоа е една убава приказна која се поврзува. Се споменуваат  повеќе објекти кои во 1883 година се прикажани на мапата. Не само што го обележале имотот што се продава, туку обележувале точно на кој начин е добиено одреденото место. За сето да има правна основа, постоел судски совет, а е верификувано на печатите на мапата. Судскиот совет бил составен од селаните и на непристрасен начин бил доделен имотот. На мапата се прецизни податоците за висина на планина, одредени места, раздел на водите на реките и сите па и најмали села покрај двата патишта кои воделе до Велес. Не очекувавме дека ќе биде прикажана „Виа Игнација“, тоа е големо изненадување за нас. Многу труд вложи колегата Мустафа Алиоски од османлиското одделение при Државниот архив и многу прецизно ја објасни мапата, вели директорката на прилепскиот архив Елена Чагороска.

Податоците од необичната, раритетна мапа што ја пронајде прилепскиот архив со превод електронски ќе се внесат за да бидат поттик за истражувачите.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content