Благодарение на „Starlink“ на „SpaceX“, дел од луѓето во светот добиваат пристап до брз сателитски интернет. Таквата услуга, наводно е поскапа и можност за проблеми со брзината и сигналот, но во примерот со Украина можевме да видиме колку таквиот сателитски интернет може да биде корисен.
Оваа услуга моментално е достапна во САД, Канада, Австралија, Нов Зеланд, поголемиот дел од Европа и уште некои земји, но бројот на заинтересирани е многу поголем и многумина со нетрпение го исчекуваат доаѓањето на интернетот на Илон Маск во нивната земја, за конечно да добијат пристап на брз интернет. Но, изгледа дека „SpaceX“ има план со кој би овозможил пристап до нивниот интернет ширум светот, дури и ако самата услуга не е достапна во сите земји.
Компанијата, имено, тестира нов сервис наречен „Starlink Global Roaming“, кој, како што самото име кажува, би требало да го покрива целиот свет. Од „SpaceX“ нема никакви информации за неговото ставање во функција, но како што објавиле на „PCMag“, компанијата пратила известување до некои корисници кои се наоѓаат на листата за чекање на „Starlink“ за услугата која сè уште не е активна во некои земји.
Ако компанијата навистина го активира роамингот на „Starlink“, тоа ќе бидат одлични вести за оние кои се нетрпеливи и сакаат што побрзо да дојдат до брзиот интернет на Илон Маск, но за тоа ќе мора да платат и премиум цена. Покрај тоа што е потребно да се плати за самиот терминал, што ќе чини 600 долари, месечната претплата за оваа услуга изнесува 200 долари. На пример, месечната претплата за „Starlink“ во САД изнесува 110 долари.
Потсетуваме, „SpaceX“ веќе претстави и посебни верзии на својот сервис кои се наменети за возила во движење, како и бродови, а нивната цена исто така е поголема во однос на класичната услуга.
Планот на Маск за „Starlink“ вклучува и авиони и се надеваме дека не сме далеку од тоа во текот на летовите да „сурфаме“ на мрежа со поголема брзина и со постабилна врска.