OMO „Илинден“- ПИРИН: Спречивме македонското малцинство во Брисел да биде преименувано како северномакедонск
Во одговор на писмо упатено на 21 јули 2021 година од Европската слободна алијанса (ЕФА) до Европската комисија за положбата и правата на македонското малцинство во Бугарија, на 3 ноември 2021 година беше добиен одговор, во кој македонското малцинство во Бугарија беше преименувано во северомакедонско малцинство и прашањето неосновано беше поставено во врска со договорот за добрососедство на Бугарија со Македонија, иако во случајот станува збор за негирани права на европски граѓани, информираат од ОМО „Илинден“ – ПИРИН во објава на социјалните мрежи.
„ОМО „Илинден“ – ПИРИН и ЕФА реагираа на овој обид да се преименува македонското малцинство во Бугарија уште повеќе што и други институции во Брисел покажаа слични тенденции, иако последните не толку отворено. На упатеното писмо со реакција од наша страна не беше добиен одговор. Затоа ЕФА се обрати до европскиот омбудсман и побара извинување од Европската комисија во името на ОМО „Илинден“ – ПИРИН.
Последната реакција имаше ефект и на 16 јуни 2023 година раководителот на Генералниот директорат за владеење на правото, фундаментални права и демократија во Европската комисија, Ингрид Беландер Тодино, упати официјално извинување, при што двапати правилно – почитувајќи го правото на слобода на национална и етнокултурна самоопределба на етничките Македонци во Бугарија – ја именува нашата заедница како: Macedonian minority in Bulgaria, се истакнува во објавата.
Ова е веројатно прв пат, додаваат во напишаното, институција на Европската Унија да го прифати и признае очигледниот факт на постоењето на македонското малцинство во Бугарија наспроти обидите на Бугарија да го негира нашето постоење.
„ОМО „Илинден“ – ПИРИН ја продолжува и понатаму својата борба за признавање и непречено ползување на човековите и на малцинските права на Македонците во Бугарија“, потенцираат во написот на социјалните мрежи.