Армијата на Република Северна Македонија добива 78 милиони долари американска поддршка во развојот на своите капацитети, модернизацијата, опремувањето и развојот на капацитетите за сајбер одбрана. Американската поддршка е во насока на достигнување на НАТО целите на способности и зголемување на интероперабилноста со американските вооружени сили и со сојузниците во Алијансата. Членството во НАТО е уште еден катализатор за уште посилна соработка помеѓу сојузниците како Северна Македонија и САД, со што се зацврстува и колективната одбрана на Алијансата.
САД се наш долгогодишен стратегиски партнер во развојот на армиските капацитети. Овие 78 милиони долари се значителна поддршка во развојот на капацитетите, имајќи предвид дека во изминатите 30 години, преку програмата за меѓународна воена помош, САД има донирано воена опрема во вредност од 160 милиони долари.
Портфолиото за соработката со САД е навистина богато и сеопфатно и вклучува обука преку MIL-2-MIL програмата, вежбовни активности, некинетички обуки односно асистенција за АБХО, сајбер, цивилно воена соработка, развој на медицински капацитети, едукација за административни службеници, војници, подофицери и офицери, заеднички процес на опремување и модернизација преку десет интегрирани проектни тимови, тимови и советници со постојан престој во Северна Македонија со цел асистенција во развојот на одбраната.