Maтичните лекари од внатрешноста се незадоволни, бараат да бидат стимулирани од државата
Дополнително, велат дека и износот на капитацијата е мал и би требало да се зголеми.
Убедени се дека и во иднина бројот на пациенти ќе се намалува, а тие ќе бидат во уште понезавидна положба, и откако ќе се пензионираат, се плашат дека младите нема да сакаат да работат во такви услови. Сето ова ќе ги погоди луѓето кои живеат во малите места.
„Оние лекари кои имаат по 3.000 до 4.000 пациенти нема зошто да се грижат, но јас во Берово имам 1.000 пациенти. Старите умираат, младите си одат, се иселуваат и бројот на пациенти се намалува. Оние кои остануваат овде, се повозрасни пациенти, имаат болести, и тие по неколку пати во месецот доаѓаат на лекар. Кога ние ќе се пензионираме, ќе нема кој да ги лечи луѓето во малите места“, вели лекарка од Берово.
„Како и за сѐ друго, така и за лекарите во малите места е тешко. Додека не се покачи капитацијата, џабе зборуваме, а таа е непроменета многу време. Младите лекари не сакаат да останат во примарна здравствена заштита“, додава Маќелара.
Д-р Лидија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари на Република Македонија (ЗПЛРМ) објаснува дека тие бараат да се промени начинот на плаќање и да има стимулација во еден дел кој би изнесувал две просечни плати, плус да има дел од капитација и плус партиципација.
„Така секој млад доктор ќе има сигурност и ќе може да работи и опстои со сите трошоци кои ги бара здравствениот систем. Принтери, моќни компјутери, хартија, ампулиЕКГ, инхалатори, боци за кислород, софтвер, кирии, лиценци, К 15, чланарини кон ЛКМ, ЗПЛРМ, струја, вода, интернет, мобилни телефони, одржување на објектот! Сега ФЗОМ со исплата на капитација доцни 67 дена, замислете почетник доктор и сестра од што ќе живеат тие денови додека да почне со работа амбулантата. Затоа бараме реформи за да опстои примарното здравство кое е столбот на овој здравствен систем“, рече Чолакова Дервишова.