Сиљановска-Давкова го поздрави нон-пејперот на Мерц и Макрон, но вели мора да ги мериме зборовите додека нема „пејпер“
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го поздравува нон-пејперот што го иницираа германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон во пресрет на самитот ЕУ – Западен Балкан, но нагласува дека конечни оценки може да се дадат дури откако ќе има официјален документ.
– Мојата оценка е дека кога ќе видиме „пејпер“, тогаш ќе можам да кажам за што се работи, оти нон-пејпер значи нешто без наслов, без име, без потписи, со идеи. Иако секогаш ваквиот тип документи, или многу често, им претходеле на вистинските документи. Ако се оценува чекорот, тогаш го поздравувам – изјави Сиљановска-Давкова во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1.
Според неа, регионот со години се соочува со застој во евроинтеграциите, што придонело за нејасен однос на Европската Унија, и ја нагласи потребата од поголема предвидливост во процесот.
– Но, секогаш ваквиот тип документи, или многу често, им претходеле на вистинските документи. Ако се оценува чекорот, тогаш го поздравувам. Зошто? Бидејќи ако досега ние во поглед на Западниот Балкан велевме ‘на Западот ништо ново’, бидејќи дури и двата клучни претенденти за членство го сменија мислењето, едниот, вториот, мислам на Албанија и на господинот Рама, тогаш навистина било однесувањето нејасно во поглед на интегрирањето на Западниот Балкан. И тоа не е нешто ново. Тоа го констатираат и врвни познавачи на евроинтеграциите на Западот – 13 години никој од овој регион не влегол во Европската Унија. Мислам дека тоа ќе биде Црна Гора и мислам дека тоа ќе биде уште еден доказ дека портите се отворени. Паметите кога премиерот во една прилика кога се врати и од самитот на Европската политичка заедница, спомена дека има предлози, варијанти итн. Да, се разбира, кога сте во политиката мора да бидете кредибилни. Сè додека не видите еден документ кој нема да биде нон-пејпер, туку ќе биде обврзувачки, треба да ги мерите зборовите. Во таа смисла јас кажувам дека да, веќе подолго време многу познати тинк-тенкови работеа на проблемите со коишто се соочува Европската Унија и моделите за нивно решавање, и секогаш излегуваше една мисла дека поголема Европска Унија, поширока Европска Унија е покомпетитивен играч на комплицираната глобална мултиполарна сцена. Исто така, решени проблеми на т.н. Западен Балкан значат и мир во Европа. Значи, како да оживеа духот на Солун од 2003 година кога и поддршката и заложбите беа јасни, ама потоа мислам дека се појави една конфузија во односот – рече таа.
Во однос на евентуалните придобивки за земјава, Сиљановска-Давкова посочи дека дел од предложените мерки се веќе познати и дека нивната примена може да придонесе за постепена европеизација и приближување кон членството, но предупреди дека тие не смеат да станат замена за полноправно членство.
– Се разбира дека сите овие мерки, доколку во тој главниот пејпер – а се надевам дека ќе биде така – не препознаеме замена или супститут за членство, што мислам дека не само Украина, туку и другите држави не би го прифатиле, мислам дека ќе нè држи во кондиција и ќе ни го овозможува она што ќе нè прави послични на европските членки. Значи, на некој начин ќе биде европеизација во чекорење и заедно. Првиот чекор на оваа филозофија всушност беше Планот за раст и тоа не е случајно. Ова е веќе втор чекор на она што е реформирање – посочи претседателката.
Прашана во врска со тоа дека една од забелешките е дека нема макар и провизорен датум до кога трае постепеното интегрирање, таа ја нагласи потребата од јасни временски рамки за процесот на постепена интеграција, по примерот на Црна Гора, но оцени дека тие треба да се утврдуваат индивидуално за секоја земја.
– Дури и јас кога го давам успешниот пример за Црна Гора, велам дека многу важно беше што можеби и неформално ама беше креиран патоказ за Црна Гора – целосен – кога, што, како. Од временска рамка да потсетам наназад, сите Црногорци каде и да бевме, велеа „до 2028 година нашата европска приказна ќе се оформи“. Во право сте, тоа треба, меѓутоа, да биде индивидуално или за секоја земја. Затоа се и тие блокови, значи за секоја земја според тежината и брзината на чекорите и соодветна временска рамка – рече претседателката.
Во контекст на македонските евроинтеграции, Сиљановска-Давкова укажа дека останува предизвикот со фактичкото отворање на кластерите, но додаде дека постојат можни механизми за надминување на блокадите што не се поврзани со Копенхашките критериуми.
