Многу какафонични пораки го одбележаа македонскиот евроинтегративен пат во изминатиот период. Од тоа што било речено претходно до тоа што беше речено последно има толку голема разлика што тешко се чита и помеѓу редови.
Еве дел од тие пораки за кои има разбирлива недоверба кај јавноста, па и кај владата.
Известувачот за Македонија во Европарламентот Томас Вајц претходно силно побара од Европскиот совет да се произнесе дали вметнатиот во преговарачката рамка втор протокол од меѓувладината седница Македонија-
Бугарија може да биде причина за вето од Софија за билатерлани, идентитетски и историски прашања.
Одговор не доби ниту Вајц, ниту неговиот предлог амандман се спомна во предлог извештајот за Македонија усвоен од АФЕТ. Но, затоа 2 амандмани од бугарските европарламентарци го поминаа комисискиот филтер.
Во нив се бараат јасни и опипливи резултати од заедничката комисија за историски и образовни прашања. И тоа не какви било резултати, туку текстовите треба да го одразуваат толкувањето на историските факти и бројки од заедничката историја на двата народа врз основа на објективни, автентични и засновани на докази историски извори и документи, научно толкување и историски настани, како што е предвидено во вториот протокол од Договорот за добрососедство.
Воедно, во последната реченица од едниот амандман се осудува секој обид за замена на историски споменици и артефакти, вклучително и уништувањето на автентичното културно наследство и се изразува жалење за уништувањето и фалсификувањето на бугарските натписи“?!.
Каков е тој извештај кога од една страна вели идентитетот не е предмет на преговори, а се бара од историската комисија, составена од искомпромитирани бугарски историчари да даде опипливи резултати, што подразбира по бугарски терк.
Што мислат под „уништување автентично културно наследство и уништување и фалсификување бугарски натписи“? Дали мислат на спомениците на жртвите на бугарскиот фашистички окупатор кои ги бришеше Зоран Заев? Или се мисли на спомениците и артефактите кои сведочат за депортацијата на 7.144 Евреи од Македонија во логорот на смртта Треблиника од бугарскиот окупатор? Дали се мисли дека Гоце Делчев се борел за независна/автономна бугарска држава, наместо македонска? Сигурно ниту едно од наведените. Но, токму бугарскиот тим од заедничката комисија по последната средба во Скопје, укажува што мислат бугарските политичари. Во извештаите, освен што се наведува дека нема никаков напредок во разговорите, не случајно се потсетува на амандманите усвоени на АФЕТ. Уште подалеку оди бугарскиот премиер Румен Радев. Тој од Тиват ја потенцира бугарската позиција дека не треба во ЕУ да се внесуваат наследени политички и историски проблеми, алудирајќи на улогата на историската комисија, вметната во преговарачката рамка, како инструмент за следно вето. За Радев работата е многу едноставна. Потребно е само вметнување на Бугарите во македонскиот устав, но само за да се отвори преговарачкиот процес.
