Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Сараево оствари средба со министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ.
На средбата беа потврдени одличните билатерални односи и континуираната соработка меѓу двете држави, како и конструктивниот политички дијалог што се одвива на сите нивоа.
„Одржуваме редовен и содржаен политички дијалог на сите нивоа и немаме отворени билатерални прашања. Во денешните геополитички околности, тоа претставува редок и позитивен пример во нашиот регион“, истакна министерот Муцунски на заедничката прес-конференција по средбата.
Соговорниците разговараа за актуелните политички состојби во регионот, европската интеграција и политиката на проширување на Европската Унија. Притоа беше нагласено дека проширувањето претставува стратешки интерес и за земјите од Западен Балкан и за самата Европска Унија, особено во услови на засилени геополитички предизвици.
„Нашите две држави ги поврзуваат заеднички стратешки цели, пред сè европската перспектива на регионот, како и заедничката определба за зачувување на мирот, стабилноста и безбедноста на Западен Балкан и Европа“, нагласи Муцунски.
Во разговорите беше потврдена и подготвеноста за понатамошно продлабочување на билатералната соработка, пред сè на економски план. Беше истакната потребата од почести бизнис-форуми, подобрување на транспортната поврзаност и повторно воспоставување на директната авиолинија Скопје – Сараево.
„И покрај одличните политички односи, постои значителен простор за унапредување на економските врски меѓу двете земји. Во таа насока, иницираме организирање на бизнис-форуми, надминување на оперативните предизвици во транспортот и подобрување на транспортната поврзаност, вклучително и преку повторно воспоставување на директната авиолинија Скопје – Сараево“, истакна министерот Муцунски.
Соговорниците разменија мислења и за актуелните безбедносни предизвици во регионот, при што беше нагласена важноста од зачувување на стабилноста, суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на Босна и Херцеговина, во согласност со Дејтонскиот мировен договор.
„Цврсто стоиме зад суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на Босна и Херцеговина. Почитувањето на државните симболи и меѓународно признатиот субјективитет на БиХ останува наш принципиелен и конзистентен став“, истакна Муцунски.
