Тој посочи дека процесот на проширување на Европската Унија треба да биде алатка за промоција на демократијата и заштита на правата и оти никогаш не смее да стане механизам преку кој се оспоруваат малцинските идентитети или преку кој човековите права се условуваат со политички интереси.
„Нашата резолуција ја повикува Албанија целосно да ги спроведе малцинските права, да го зајакне политичкото претставување, да инвестира во малцинските региони и да гарантира слободни и фер процеси на самоидентификација. Исто така, ги повикува европските институции будно да ги следат овие прашања и да осигураат дека вредностите на ЕУ се применуваат доследно и еднакво. Европа е најсилна кога ја штити својата разновидност. Денеска ја барам вашата поддршка не само за македонското малцинство во Албанија, туку и за принципот дека секоја заедница во Европа има право да постои, да биде признаена и да напредува без страв, притисок или дискриминација. За принципот дека Европската Унија мора да остане заедница на вредности, каде што човековите права се штитат еднакво и без двојни стандарди“, нагласи Стерјовски.
Македонска алијанса за европска интеграција во 2024 година стана полноправна членка на Европската слободна алијанса. ЕФА е европска политичка партија која ги обединува и претставува регионалните, автономните и малцинските политички партии во Европа и е застапена во Европскиот парламент.
