Сиљановска-Давкова: Изборот во ЕКОСОК е значаен дипломатски успех за Македонија

„Овој успех е резултат на повеќеслојна, принципиелна и активна надворешна политика што се води со доследност, решителност и визија. Особено ме радува што нашите долгогодишни дипломатски напори и активности за обезбедување поддршка вродија со плод, како и фактот дека бројните странски пријатели и соговорници со кои имав можност да се сретнам во различни прилики ги исполнија своите дадени ветувања“, напиша Сиљановска-Давкова во објава на фејсбук.

Според неа, во период кога воспоставениот меѓународен поредок минува низ длабоки промени, а глобалната сцена е обележана со неизвесности и сè покомплексни предизвици, изборот во едно толку важно тело на Обединетите нации има особено значење.

„Овој резултат ја одразува довербата на меѓународната заедница во конструктивната улога на нашата држава, нејзината посветеност на мултилатерализмот и нејзината способност суштински да придонесува кон решавањето на глобалните економски и социјални предизвици“, истакна претседателката.

Таа додаде дека како членка на EКОСОК, Македонија ќе продолжи да ги промовира дијалогот, соработката, одржливиот развој и инклузивниот просперитет, работејќи заедно со сите партнери во насока на зајакнување на ефикасноста и кредибилитетот на мултилатералниот систем.

Овој избор, како што посочи Сиљановска-Давкова, уште еднаш потврди дека нашата држава е почитуван, доверлив и влијателен чинител на меѓународната сцена и го докажа сè поголемото признание што го ужива нашата принципиелна и проактивна дипломатија.

„Наместо бесмислени и непринципиелни надворешнополитички авантури, како и досега, ќе продолжам да водам хумана надворешна политика која во своето средиште ги става човечкото достоинство и интересите на нашата држава, а истовремено се залага за почитување на правата на македонското малцинство, согласно меѓународните и европските акти“, нагласи претседателката Сиљановска-Давкова. 

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј
Skip to content