Меџити: Реконструкција на Владата ќе има, ама дали ќе се менуваат ресори и имиња допрва ќе се преговара
Одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на Албанскиот саем на книгата денеска во Скопје, Меџити рече дека во договор се со партнерите во Владата оти ќе има реконструкција.
„Деновиве треба да седнеме и разговараме за принципите и дали ќе одиме со промена на ресори, имиња и така натаму“, изјави Меџити.
Премиерот Христијан Мицкоски, завчера, одговарајќи на новинарско прашање по отворањето на новиот базен „Карпош“, најави дека во втората половина на јуни ќе седне со владините партнери за да разговараме за натамошните чекори во однос на работата на Владата.
„Во втората половина на јуни ќе седнеме со владините партнери и ќе разговараме за понатамошните чекори. Тогаш ќе се добие и појасна слика за идната структура“, рече Мицкоски.
Во врска со тоа какви други промени ќе има, Мицкоски рече дека тоа е динамичен процес и дека во моментот се посветени на внатрепартиските реорганизации и преструктуирања.
„Планираме овие активности да ги завршиме до средината на јуни, а потоа, во втората половина на месецот, да седнеме со коалициските партнери и да разговараме за следните чекори“, додаде Мицкоски.
