Министерството за образование и наука ќе го финансира спроведувањето 14 заеднички македонско-австриски научноистражувачки проекти во области со висок развоен потенцијал, дефинирани во Стратегијата за паметна специјализација на државата – соопшти денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска на прес-конференција по повод потпишувањето на договорите со носителите на проектите.
Јаневска информира дека проектите ќе се реализираат во областите паметно земјоделство и храна со повисока додадена вредност, информациски и комуникациски технологии, електромашинска индустрија, индустрија 4.0, одржливи материјали и паметни згради, енергија и туризам.
Министерката посочи дека проектите се избрани на јавен конкурс објавен во септември минатата година во согласност со договорот меѓу владите на Македонија и Австрија за научна и технолошка соработка од 2008 година.
– На конкурсот беа доставени вкупно 18 проекти изработени преку партнерства на државни и приватни универзитети, јавни и приватни научни институции и факултети од двете земји. По рецензирањето од македонска и австриска страна, беше утврдено дека 14 проекти ги исполнуваат условите и критериумите за финансирање – рече Јаневска.
Од прифатените проекти, девет се реализираат под водство на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, три на Универзитетот „Гоце Делчев“, а по еден проект имаат Меѓународниот балкански универзитет и Приватен институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени.
Според класификацијата на научноистражувачките подрачја, шест од избраните проекти се од областа на инженерството и технологијата, пет од природно-математичките науки, два од земјоделските и ветеринарните науки и еден од општествените науки.
Јаневска нагласи дека ова не е прв циклус на ваква соработка, но дека првпат приоритет им е даден на проектите од техничките и природно-математичките науки, односно на областите што се препознаени како клучни за економски развој преку Стратегијата за паметна специјализација.
За секој од проектите Министерството ќе обезбеди по 600.000 денари, а рокот за нивна реализација е две години, од 1 јули 2026 до 1 јули 2028 година.
– Договорите за финансирање ги потпишавме денес со носителите на проектите. Им честитам за вмрежувањето со австриската академска и научна заедница, за заедничкиот вложен труд и за изборот да бидат финансирани. Им посакувам успех и траен печат во областите во кои ќе дејствуваат – рече Јаневска.
