Мицкоски: Владата ја поттикнува дигиталната трансформација на финансискиот систем

Во услови на брзи глобални промени и економска неизвесност, премиерот Христијан Мицкоски порача дека Македонија гради финансиски систем кој е стабилен, отпорен и иновативен. На конференцијата во Скопје посветена на централното банкарство, тој истакна дека дигитализацијата, финтек-решенијата и модернизацијата на платежните системи не се само трендови, туку клучни алатки за создавање побрз и поинклузивен финансиски сектор.

„Силни институции, транспарентност и одговорност се столбовите на нашата политика. Во соработка со Народната банка и сите релевантни институции, вложуваме во унапредување на регулаторната рамка и поддршка на дигиталната трансформација,“ рече Мицкоски, нагласувајќи дека Владата активно ја следи и поддржува оваа патека на иновации, без да ја загрози стабилноста на системот.

Премиерот посвети внимание и на мерките за справување со директните економски притисоци врз граѓаните. „Намалувањето на ДДВ-то за бензините и осигурувањето на државни резерви од мазут се конкретни примери на координиран пристап, каде што монетарната и фискалната политика се надополнуваат за да се заштитат домаќинствата и економијата.“

Во своето обраќање, Мицкоски ја истакна улогата на централното банкарство како стожер на довербата и економската отпорност. „Централните банки не работат изолирано – тие се соочуваат со инфлаторни притисоци, прекини во синџирите на снабдување, геополитички тензии и енергетски неизвесности. Стабилноста денес не е даденост, таа е резултат на внимателно водени политики и координација.“

Во контекст на глобалната нестабилност, Мицкоски подвлече дека отпорноста е клучна: „Да се издржат шоковите и да се излезе посилен од нив значи диверзификација на економијата, стабилни јавни финансии и доверба во институциите.“

Премиерот посочи дека координацијата меѓу централните банки, владите и меѓународните партнери е неопходна за да се создаде систем кој е стабилен, иновативен и подготвен за иднината. „Стабилноста е темелот, иновацијата е двигателот, а отпорноста гаранцијата за иднината. Ако ги споиме овие три столба, економијата ќе биде способна не само да се справи со предизвиците, туку и да ги претвори во можности,“ заклучи Мицкоски.

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј
Skip to content