Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против едно физичко лице, поранешен директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Македонија, за сторени кривични дела примање поткуп по член 357 став 1 и став 3 од КЗ на РМ, фалсификување службена исправа по член 361 став 1 од КЗ на РМ, проневера во службата по член 354 став 1 од КЗ на РМ и несовесно работење во службата по член 353-в став 2 од КЗ на РМ и едно физичко лице во својство на сопственик и управител на правен субјект од Скопје за сторено кривично дело давање поткуп по член 358 став 1 од КЗ на РМ.
Првопријавениот П. М, во својство на службено лице – директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Македонија, во периодот од 9.6.2021 година заклучно со 13.6.2024 година, свесно и со умисла, извршил службени дејства што не смеел да ги изврши и потпишал пет договори за јавни набавки со правен субјект од Скопје, во сопственост и управуван од страна на второпријавениот Г. П., a притоа не го пријавил постоењето судир на интереси, не се изземал од овие постапки за јавни набавки и во текот на целиот период, а и по престанувањето на функцијата директор, остварувал директна материјална корист за себе и за свое блиско лице од правниот субјект во сопственост и управуван од страна на второпријавениот Г. П. и со таквиот начин на постапување првопријавениот го сторил кривичното дело примање поткуп по член 357 став 1 и став 3 од Кривичниот законик на Република Македонија, а второпријавениот го сторил кривичното дело давање поткуп по член 358 став 1 од Кривичниот законик на Република Македонија.
Дополнително, првопријавениот П. М. свесно и со умисла во вкупно пет службени исправи – изјави за непостоење судир на интереси во постапките за претходно наведените јавни набавки, внесувал лажни и невистинити податоци и со свој потпис овозможил тие да бидат употребени како вистинити и со таквиот начин на постапување првопријавениот го сторил кривичното дело фалсификување службена исправа по член 361 став 1 од Кривичниот законик на Република Македонија.
Првопријавениот П. М. во својство на директор на Службата за општи и заеднички работи, во периодот од 1.1.2022 заклучно со 13.6.2024 година, во повеќе наврати, прикажувајќи невистинити податоци дека се работи за службени патувања за службени потреби и цели, потпишувал барања за резервација на хотелско сместување, барања за резервација на авиобилети, решенија за упатување на службен пат во странство и налози за службен пат во странство и со тоа овозможил лично за себе и за други лица вработени во Службата да стекнат имотна корист во вид на хотелски сместувања, авиобилети за реализирани патувања, изнајмување рентакар-возила за приватни потреби и цели, како и исплатени дневници за службени патувања, во вкупен износ од 1.792.859 денари и за овој износ го оштетил буџетот на Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Македонија и го сторил кривичното дело проневера во службата по член 354 став 1 од Кривичниот законик на Република Македонија.
Исто така првопријавениот П. М. во својство на директор на Службата за општи и заеднички работи и во својство на одговорен менаџер – accountable manager на авиослужбата при Службата за општи и заеднички работи, иако знаел и бил свесен, а од 27.10.2023 година и запознаен со фактот дека едно лице вработено како пилот не ги исполнувало условите за капетан – водач на авион, со несовесното вршење на своите овластувања и должности му овозможил на ова лице во периодот од 27.10.2023 заклучно со 14.6.2024 година од Службата за општи и заеднички работи да му биде исплаќан месечен надоместок по основ на плата во својство на капетан – водач на авион и на овој начин првопријавениот овозможил лицето да стекне имотна корист во вкупен износ од 3.444.615 денари, а на штета на буџетот на Република Македонија и со таквиот начин на постапување првопријавениот го сторил кривичното дело несовесно фработење во службата по член 353-в став 2 од Кривичниот законик на Република Македонија