Започна Петтата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ

102

Со свечено отворање започна еден од најзначајните настани за негување и афирмација на македонскиот јазик – Петтата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), на кој учествуваат 100-тина македонисти од 18 земји од светот: Австралија, Албанија, Бугарија, Италија, Монголија, Народна Република Кина, Полска, Романија, Руската Федерација, САД, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Украина, Унгарија, Хрватска и Чешка Република.

Семинарот се одржува онлајн, а беше отворен од страна на претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која воедно е покровител на школите на Семинарот.

„Петтата зимска школа е расадник на светската македонистика преку која студентите, професорите, научните истражувачи, македонистите, филолозите, културолозите од странските универзитети во светот, имаат можност да ја растат и да ја развиваат македонистиката, да ги усовршуваат македонскиот јазик, литература и култура. И со задоволство можам да кажам дека македонистиката е стабилна, студиозна и аргументирана наука со долга традиција, врвни резултати до кои се доаѓа преку студиозен раст и развој, развој во кој стожерно значење има Меѓународниот семинар при УКИМ“, истакна претседателката Сиљановска Давкова.

Таа нагласи дека и повторно, од денес, македонистиката ќе биде облагородена и „позлатена“ со македонистичко „семе“, коешто ќе биде „посеано“ насекаде кон светот, та како светлина ќе зрачи и ќе ја осветли прекрасната и свечена македонистичка седмица во која 100-тина македонисти раскошно ќе ја растат и ќе ја развиваат македонистиката и ќе пратат моќно македонистичко послание кон светот.

„Зимската школа на Меѓународниот семинар – нема граници, не познава бариери, гради мостови на соработка, научна и културна размена, пријателство и културна дипломатија. Македонскиот јазик е суштина на македонскиот ентитет и идентитет. Македонската реч, уметничка и научна – отвора нови хоризонти и освојува нови универзуми. Македонскиот мелос, фолклорот, историјата, археологијата – се нашите скапоцени и непресушни извори што ги споделуваме со вас“, порача претседателката Сиљановска Давкова.

Ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје проф. д-р Биљана Ангелова на отворањето наведе дека УКИМ ги отвора училниците и амфитеатрите за македонистиката, која овој пат се вмрежува во голема високообразовна и научна мрежа на соработка, истакнувајќи дека Меѓународниот семинар е важен приоритет за Универзитетот, кој има поширок национален интерес и интернационално значење.

„Согласно концептот за отворен и модерен универзитет, во дослух со новите потреби и предизвици во високообразовниот и научен процес, УКИМ овозможува услови за квалитетен раст и развој на македонистиката преку дејноста на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, како и дејноста на факултетите и институтите од областите: македонистика, филологија, културологија, филозофија, фолклористика, национална историја, итн.“, рече ректорката Ангелова.

Таа посочи дека Семинарот е можност за зајакнување на академските и научноистражувачки мрежи, за размена на идеи и креирање на нови проекти, при што додаде дека, оваа школа е вистински израз на посветеноста и напорите на организаторот за студиозно изучување, промовирање и афирмирање на македонистиката, но и резултат на плодна синергија меѓу семинаристите, предавачите и лекторите.

Зборувајќи за сите минати успеси на одржаните школи, ректорката потенцираше дека големиот подем и меѓународната афирмација на македонистиката се должат на подновениот концепт со идеја, богатата лепеза од програмски содржини, студиозна и компетентна настава од еминентни предавачи – кои се обележја и на оваа школа.

Директорката на Меѓународниот семинар при УКИМ, проф. д-р Кристина Николовска, им посака добредојде на сите учесници, наведувајќи дека од денеска Меѓународниот семинар при УКИМ повторно ги отвора раскошните порти на македонистиката за сиот свет.

„Од денес – светот ќе стане огромна македонистичка училница од која ќе растат нови и нови училници, работилници, преведувалници. Од денес – ќе зрачиме со знаење кон сите страни на светот, збрани во голема македонистичка мрежа, која се умножува како светлина“, рече директорката Николовска.

На Петтата зимска школа ќе се одбележи осумдесетгодишниот јубилеј на македонската азбука и македонскиот правопис, а ќе се чествуваат и великаните на македонската книжевност и култура – Григор Прличев (по повод 195 години од раѓањето), Константин Миладинов (195 години од раѓањето), Анте Поповски (70 години од првата стихозбирка), Ташко Георгиевски и Живко Чинго (90 години од раѓањето).

Семинаристите работат во две секции: македонски јазик (на три рамништа: почетно, средно и напреднато) и македонска литература и култура (со преведувачка работилница за поезијата на Анте Поповски, од која ќе се објави зборник „Анте Поповски – на океан од јазици“).

Меѓународниот семинар при УКИМ досега има одржано 57 летни школи и четири зимски школи, на кои зеле учество над 4300 лица од повеќе од 60 земји во светот, еминентни македонисти, филолози, слависти, балканолози, професори, научни работници, студенти по македонски јазик, литература и култура на странските универзитети, преведувачи и афирматори на македонистиката. Меѓународниот семинар при УКИМ развива дејност на 11 лекторати по македонистика во девет земји на странските универзитети, каде е забележен голем интерес од страна на студентите.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content