Билатералните теми не треба да бидат дел од преговарачкиот процес. Ова е ставот на новата евркомесарка за проширување, Марта Кос, која денеска зборувајќи на панел дискусијата во рамки на конференцијата посветена на проширувањето на Европската унија, организирана од страна на Пријатели на Европа, сепак рече дека Унијата не успеала целосно да го постигне тоа.
„Билатералните теми. Веќе имам кажано. Треба да направам се што е можно да не дозволиме тие да влезат во преговарачкиот процес. Не бевме 100 проценти успешни во тоа. Затоа ја гледам мојата улога и да помогнам да се решат проблемите, кои с емногу поврзани со историјата, а кога се поврзани со историјата не е се рационално, туку за емоции, за психологија, а тоа е многу тешко да се контролира“, изјави Кос.
Таа изјави дека ќе работи и на помирувањето меѓу земјите, што според неа е многу важно, но оти зане дека тој процес не оди брзо.
Кос на конференцијата рече дека по 10 години постои реална можност повеќе земји со помош на Европската комисија да бидат доведнеи до линијата на целта.
„Не реков во ЕУ, бидејќи тоа е нешто што не можам да го ветам. Но заедно со мојот директор на директоратот ние може да доведеме земји до линијата на целта и тој дел е врз основа на заслуги. Тоа е што се однесува до нас. Но да, во право сте. За целиот преговарачки процес потребни се 150 едногласни одлуки во Советот. И затоа секогаш кога зборувам за проширувањето велам дека ние треба да се движиме паралелно“, изјави Кос.
Таа смета дека треба да се работи и со земјите-членки и со земјите-кандидати за подобро да сфатат кој е бенефитот од проширувањето и за подобро да се запознаат, за што таа најави дека со нејзиниот тим ќе работат на таква комуникациска кампања и во едните и во другите земји.