Во овој момент имаме Влада која се грижи подеднакво за сите граѓани, без оглед на која заедница припаѓаат. Оваа влада нема да прави дискриминација по ниту еден основ, а овој ваш амандман е баш таков дискриминаторски. Немаме ништо против да се вработуваат луѓе од турската заедница, но притоа, мора да се почитува уставот кој не дозволува дискриминација, рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Биљана Кузманоска на денешната Комисија за финансии и буџет, на амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година.
Таа, исто така, наведе дека треба да се почитуваат законските регулативи и правата за вработување на сите луѓе во Македонија подеднакво, сметајќи дека не е во ред амандмански да се бараат нови вработувања на кадри припадници само за една заедница, како што е во случајот за турската заедница.
Кузманоска додаде дека дека сите граѓани во Македонија ќе ги уживаат бенефитите со новиот буџет, како што се зголемените плати, пензии и социјална заштита, без разлика на нивната етничка припадност.
„И Турците се дел од македонското општество и тие ќе ги уживаат бенефитите од борбата против криминалот и парите кои ќе се слеваат од буџетот. Од овој буџет сакам да ги издвојам ставките од Министерството за труд и социјална политика и посебно значајни се планираните зголемувања во социјалната заштита и пензиите, ние имаме пензионери од сите национални припадности и се очекува пораст од 16,6%“, вели Кузманоска.