Кошничката со храна и пијалаци од 2021 година најчесто е недостижна!

107

Анализа: Колку храна купуваме во однос на пред 3 години?

Во трговијата на мало со храна и пијалаци во јули се оставиле повеќе пари отколку во јуни и значително повеќе отколку пред една година, покажуваат статистичките податоци. Така, во јули годинава прометот бил речиси 11,4 милијарди денари, односно 185 милиони евра, а во јули 2023 година изнесувал речиси 9,5 милијарди денари, или 154 милиони евра. Според податоците, за една година прометот се зголемил за 31 милион евра, или за 20 насто. Но, ова е само површинско гледање на бројките, а ако се изгребе под површината и ако се земе предвид инфлацијата, вистината е поразителна – тоа што сме го купувале во 2021 година во изминатава година ни било недостижно. Сепак, во јули не било така и има скромен раст од половина процент.

Гледано по месеци, може да се забележи дека прометот во второто полугодие од 2023 година, барем во номинален износ, постојано растел, но потоа во јануари 2024 година значително се намалил, враќајќи се на нивото од пред шест месеци. Лошо било и во февруари. Очигледно, предновогодишната еуфорија ги истенчила џебовите на граѓаните, кои Божиќ го дочекале со посна трепеза.

Трговија на мало со храна, пијалаци и тутун

Извор: Државен завод за статистика

Вклучувајќи ја инфлацијата, статистичарите пресметале и колку повеќе се купува во реалноста. Споредбата е направена со 2021 година, секако, не случајно, бидејќи оттогаш почнаа високите стапки на инфлација. Од ланскиот до овој јули, граѓаните само во два месеци успеале да ја наполнат кошницата повеќе од просекот во 2021 година. Тоа било во декември 2023 година, кога порастот бил дури 5,3 проценти, и во јули оваа година, кога бил половина процент. Во другите месеци може да се забележи дури и двоцифрен пад, што е катастрофален показател за падот на животниот стандард на населението.

Реален раст/намалување на прометот во однос на 2021 година (со вклучена инфлација)

Извор: Државен завод за статистика

Сојузот на синдикати пресмета дека на едно четоричлено семејство во јули за храна му биле неопходни 22.000 денари и дека учеството на оваа ставка е 36,3 насто во вкупната синдикална кошница. Но, веќе направените пресметки за септември покажуваат дека за храна требаат 23.000 денари, или 36,5 насто од кошницата. Така, иако во јули имало реален раст на прометот во трговијата со храна и пијалаци, податоците од Синдикатот не влеваат многу надеж за реално зголемување на можностите за купување храна, особено ако се земе предвид и дека јулската плата, која работниците ја земале во август, е дури за 1.000 денари во просек помала од јунската.

Извор: ПариМК.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content