Во хотелот „Нова Ривиера“ во Охрид денеска и утре ќе се одржи стручен симпозиум насловен „Ретки болести – дијагностички предизвици и терапевтски перспективи“, по повод одбележување десет години активизам за ретките болести во државата. На симпозиумот, кој е организиран од Здружението за ретки болести „Ретко е да си редок“, ќе учествуваат истакнати професори, доктори и претставници од пациентските организации.
Како што најавија од Здружението, утре симпозиумот ќе го отворат министерот за здравство Арбен Таравари, претседателот на Комисијата за ретки болести при Министерството за здравство Злате Стојаноски и претседателката на Здружението за ретки болести „Ретко е да си редок“ Гордана Лолеска.
По отворањето на симпозиумот предвидена е прес-конференција на министерот Таравари, проф. д-р Велибор Тасиќ и претседателката на „Ретко е да си редок“ Гордана Лолеска.
На настанот посветен на десет години активизам за ретките болести ќе учествуваат и проф. д-р Велибор Тасиќ, д-р Нора Абази Емини, проф. д-р Александра Јанчевска, д-р, д-р Иван Акимовски, проф. д-р Иван Барбов, д-р Николина Смоковска, нас. доц. д-р Никола Ѓорѓиевски, д-р Владимир Аврамовски, д-р Маја Божиновска Смическа, д-р Сузана Арбутина и доц. д-р Данило Нонкуловски.