Сиљановска Давкова се обрати на Свечената академија по повод 11 Октомври – Денот на народното востание
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска се обрати на свечената академија по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, што под нејзино покровителство се одржа во Музејот на македонската борба за самостојност.
„Во историјата на секој народ постојат периоди на големи премрежја што можат да се пребродат само со храбри одлуки. Таков мрачен период беше Втората светска војна, кога речиси цела Европа беше под фашистичка окупација, и кога Хитлер и неговите сојузници изгледаа незапирливи и непобедливи. Во такви услови, на 11 октомври 1941-та, македонскиот народ посегна по непресушното човеково право на отпор против опресијата, неправдата и окупацијата и храбро, без колебање, ја избра вистинската страна во најголемата војна во историјата на човештвото. 11 октомври е меѓникот што ја одреди нашата иднина, денот кога ние храбро и одлучно се вклучивме во антифашистичката коалиција на слободољубиви и правдољубиви народи.
Херојската борба против фашизмот нè сплоти, нè прероди и ни даде легитимитет како народ да се самоопределиме и да создадеме слободна македонска држава на Првото заседание на АСНОМ. Како еден од најголемите демократски триумфи на човештвото, антифашизмот ни овозможи на историската сцена да настапиме рамноправно и со чиста совест да учествуваме во обновата на разрушениот свет. Не случајно, македонската држава за која копнееја Илинденците и за која се изборија антифашистите, трае веќе 80 години. Нејзината сегашност и нејзината иднина се сраснати со нејзиното минато“, рече Сиљановска Давкова.
„Нас никој не нѐ ослободи. Сами се ослободивме со помош на над 110-илјадната Народноослободителна војска на Македонија. Нам никој не ни ја подари државата. Сами се изборивме за неа. За нас, антифашистичката беше и истовремено и народноослободителна војна во која дадовме 24.000 жртви.
Затоа, ние не смееме да дозволиме историски ревизионизам и релативизирање на народноослободителната и антифашистичка борба, бидејќи со тоа би се поткопале илинденските и антифашистичките темели врз кои е изградена македонската држава. Со тоа би се обезвреднила жртвата на илјадници млади борци кои несебично гинеа за слободата и правдината. Ние тоа не смееме да го дозволиме“, изјави Сиљановска Давкова.
Во рамки на Свечената академија настапи Воениот оркестар на Армијата со сплет на македонски патриотски и партизански песни.