Под влијание на влажна и постудена воздушна маса од север, утре ќе настапи позначителна промена на времето, предупредува Управата за хидрометеоролошки работи.
„Од утринските часови најпрвин во северните делови ќе има повремени врнежи од дожд и локална појава на грмежи. Ќе дува силен ветер, наместа над 70 километри на час кој ќе продолжи и во понеделник. Дневната температура значително ќе се намали, утре за 6 до 8 степени, а во понеделник уште за дополнителни 4 до 6 степени“, соопшти УХМР.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд и услови за ретки грмежи. Ќе дува засилен ветер од северен правец.
Промената на времето ќе почне вечерва од запад, каде што облачноста постепено ќе се зголемува. И во Скопје облачноста ќе се зголеми во текот на ноќта.
Во вторник и во среда времето ќе биде сончево со ниски утрински температури, а дневните ќе бидат во пораст. Утринските температури во вторник ќе се движат од 0 до 9 степени, а во среда од 1 до 9 степени.
Од четврток се очекуваат нови врнежи од дожд.