Од утре инспекторите ќе проверуваат дали училишниот прибор се продава со ограничена маржа

112

Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, ги повика трговците веднаш да ги прилагодат цените на училишниот прибор согласно одлуката на Владата за ограничување на профитните маржи.

„Трговците кои се опфатени со Одлуката на Владата за училишен прибор, имаат обврска да ги усогласат цените на производите. Од утре инспекторите ќе бидат на терен и ќе вршат контроли за да се утврди дали трговците постапиле во согласност со оваа Одлука. Инспекторите ќе постапуваат во рамки на нивните надлежности кои произлегуват од Одлуката, а согласно тоа и според Законот за трговија“.

Со Одлуката се определува највисоката трговска (профитна) маржа како посебен услов во трговијата со училишен прибор и тоа:

– ранци и ташни;
– тетратки, блокови, нотеси, колажи;
– средства за пишување (моливи и пенкала);
– дрвени боици;
– пластелин, теста за моделирање, подлоги;
– фломастери и маркери;
– мрсни боици;
– темперни, акрилни, водени бои и четки;
– линијари и дидактички материјали;
– острилки и гуми за бришење;
– детски ножици;
– футроли, етуи и училишни додатоци;
– лепак;
– шестари, дигитрони, компаси и лупи;
– чаши за прибор и држачи;
– украсни хартија;
– папки и картонски ташни и
– материјали за изработки.

Највисоката трговска (профитна) маржа за наведените стоки за сите трговски друштва и трговци поединци кои учествуваат во трговскиот ланец во трговијата на големо се утврдува во вкупен износ до 5 %, а во трговијата на мало се утврдува во вкупен износ до 10% и ќе се применува до 20 октомври 2024 година. Начинот на кој ќе се постапува доколку некој од трговците дејствува спротивно од Одлуката е предвиден во Законот за трговија. Во случај да се утврди прекршување на Одлуката ќе следат казни кои произлегуваат од Законот за трговија! Казните се високи и изнесуваат од 800 до 10000 евра, во зависност од големината и видот на трговецот.

„Напоменувам дека Државниот пазарен инспекторат ќе постапува исклучиво по однос на контрола на цените утврдени со Одлуката, но нема надлежност да постапува, ниту пак да влијае врз формирање на цени во трговијата на големо и трговијата на мало.

Како што постапувавме претходно, така и сега, нема да има компромис за никого, законот ќе важи еднакво за сите и сите трговци опфатени со Одлуката имаат обврска да ја почитуваат!“, кажа Трајковски.

Тој апелира да се почитува одлуката и ги повикува граѓаните доколку забележат неправилности веднаш да пријават во пазарниот инспекторат.

„Работиме во интерес на граѓаните и токму затоа е донесена оваа Одлука, да се спречи личното профитерство и злоупотреба на граѓаните“, додаде тој.

Пријава до пазарниот инспекторат може да се поднесе на 191 или службената веб-страница www.dpi.gov.mk.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content