Давкова до првачињата: ВРЕДИ ДА СЕ УЧИ И ДА СЕ ЗНАЕ

154

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска, по повод започнувањето на новата учебна година, присуствуваше на првиот училиштен ден во ООУ „Јан Амос Коменски“ во Скопје.

Сиљановска Давкова на свеченоста ги поздрави првачињата посакувајќи им успех во потрагата по нови знаења.

– Бидете сигурни дека нема поважно нешто од знаењето, да учите да пишувате, да учите да пеете, бидејќи само тоа никој во животот не може да ви го земе – порача претседателката Сиљановска Давкова.

Споделувајќи дел од нејзиното искуство како ученик, претседателката истакна дека пред шеесет години како четвртоодделенец, таа била во првата генерација во ова училиште и завршила како првенка, посочувајќи дека „Јан Амос Коменски“ било едно од најдобрите училишта не само во Републиката, туку и во Југославија.

– Вреди да се учи, така велеше и чуениот педагог Јан Амос Коменски, вреди да се знае, не за да ги направите среќни вашите родители, роднини, баби и дедовци, туку за да знаете, дека со знаењето станувате секогаш потолерантни, подобри луѓе, бидејќи тој кој знае – ќе знае да се снајде и во животот – посочи претседателката во поздравното обраќање.

Првачињата на првиот училиштен ден беа пречекани со пригодна приредба подготвена од учениците од петто одделение. Годинава во ООУ „Јан Амос Коменски“ се запишани 110 првачиња кои ќе посетуваат настава во четири паралелки.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content