23 години од трагедијата кај Карпалак

123

Во месноста „Карпалак“ на патот Скопје – Тетово, беше одбележан трагичниот настан кога пред 23 години, за време на конфликтот од 2001 година, конвој од бранителите беше нападнат од страна на терористите од т.н. ОНА. Во нападот во кој биле користени ракетни фрлачи и тешки митралези, животот го загубија 10 бранители, сите од Прилеп кои со камиони се упатувале кон касарната во Тетово.

По тој повод делегација од Владата, предводена од Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, делегации од претседателот на државата, АРМ, политички партии и здруженија положија венци и свежо цвеќе, а свештеници од МПЦ одржаа панихида. И овој пат, како и во изминативе години присуствуваа и членови на семејствата на загинатите и преживеани бранители од Прилеп кои, по кој знае кој пат, зборуваа за своите маки и за негрижата на Државата кон нив како и за не достоинствениот начин на одбележување на овој трагичен настан.

-Денес на овој голем ден од поновата македонска историја, на ова место Карпалак, чувствуваме голема тага и болка за десетте загинати прилепски бранители од конвојот кој се упати, токму на овој денешен ден пред 23 години, во одбрана на суверенитетот и интегритетот на Република Македонија кон касарната Тетово. Меѓутоа, на овој ден чувствуваме и восхит, почит и храброст како и дел од преживеаните од тој настан и овие луѓе треба да бидат запишани со златни букви во македонската историја. Од ова место треба да испратиме порака, ова да не се заборави, меѓутоа треба да биде минато и треба сите да живееме зсите во оваа наша заедничка држава Македонија, да градиме една просперитетна, силна, економска држава, европска држава како дел од европското семејство каде што ќе живеат среќни граѓани без оглед на нивната национална, верска, социјална и политичка припадност, изјави Марјан Ристески, заменик министер за економија кој како претставник од Владата присуствуваше на настанот.

На одбележувањето на трагичниот настан кој се случи во месноста Карпалак присуствуваа и роднини и пријатели на убиените бранители кои и овој пат упатија остри зборови кон властите и по кој знае кој пат бараа да се подобри нивната социјална положба и да се направи едно достоинствено спомен обележје во чест на 10-те погинати бранители.

„Да и се „заблагодарам“ на Владата што „води преголема грижа“ за нас и за загинатите. За нив се гледа како се грижат, а за нас живите – уште повеќе. Само недостасува нас да нè прогласат за терористи, да нè осудат затвор и да се ратисаат од нас. Дали личи да се полага цвеќе на погинати на вакво место? Овде треба да присуствува Врховниот командант, ние сме армија, а тие дошле со заменици. Централната прослава треба од Прилеп овде да се премести. Овде е местото каде треба да чествуваме, а не во Прилеп“, вели Јордан Трајковски, од Прилеп.

Секоја година, кога се одбележува овој трагичен настан, преживеаните бранители и нивните семејства постојано укажуваат на тешката состојба во која се наоѓаат и за големата не грижа која ја покажува државата кон нив.

-Немаме никакви права, не можеме да извадиме еден документ дека сме учесници во одбраната на државата во 2001 година. Ние, а и децата на бранителите кои сега веќе се возрасни луѓе, немаат обезбедено школување, здравствени услуги, а камоли стан. Ова е срамота. Јас немам ништо против Албанците, секоја чест, ама тие кои ја нападнаа Македонија ги имаат сите бенефиции. Ова истото го зборуваме 23 години, но никој не нè слуша, ниту да нè праша како живееме, имаме ли семејства, деца, ви треба ли нешто? Дваесет и три години се бориме за еден споменик и ништо од ова, разочарувањето е огромно, вели Трајковски.

Местото на погибијата е обележано со една плоча на која се испишани имињата на убиените бранители и таа е поставена на банкината од автопатот. Сите досегашни Влади ветуваа дека на ова место ќе се подигне достоинствен споменик, но досега ништо не е направено од ова.

-Би упатил апел и како дел од Владата, а и јас ќе настојувам тука да има едно достојно спомен обележје во чест на овие 10 загинати прилепски бранители, изјави Марјан Ристески, заменик министер за економија.

На 8-ми август 2001 година на ова место беа убиени бранителите: Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ергоган Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитовски, Горан Миноски и Пеце Секуловски.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content